„Заев, како марионетски поставен премиер од 31 мај 2017, по превртот во државата направен во тоа време главно со подршка од надворешни фактори, иако надгледуван, имаше делегирано голема моќ и одврзани раце од оние кои го донесоа на таа позиција, па освен кој и за што да се гони и да се прогласи виновен, тој ги одредуваше и годините затвор кои обвинителството требаше да ги побара, а судијата требаше некому да ги додели, темпото на судење во моменти кога му се брзаше за некој случај и прогонета личност, кој и кога да влезе и излезе од притвор и слично.
Кај некои од жртвите на политичкиот прогон тој имаше една неверојатно шизофрена улога. Најпрвин по негова директна инструкција се притвораа некои од нив, па потоа кога блиските на истите по разни канали бараа спас да ги извлечат од мизерните услови во незаслужениот притвор, тој беше ‘добриот што треба да му се памети добрината’ кој ги примаше, сослушуваше, ‘сочувствуваше’ и кој по долги молења и разговори ги ослободуваше. И не го криеше во разговорите тоа. Сето ова го знам од прва рака од луѓето кои од мака и безизлез се среќавале со него“, пишува Груевски.
Тој вели дека некои од тие уличкувачи подоцна и се спријателиле со Заев. Тој тука ги наведува и Ден Дончев, некогашниот директор на Фондот за здравствено осигурување и неговиот најблизок соработник Мартин Протоѓер, заменик министерката за правда Билјана Бошковска Бришковска.
„Имаше такви на кои тој за противуслуга им бараше не само да дадат изјава против мене во обвинителството, туку да пробаат да ги убедат сите други обвинети во случаите каде бев јас, да дадат инкриминирачки изјави против мене. Некогаш таквите барања ги испорачуваа други високи функционери овластени од него. Се сеќавате на аудио снимката на Ден Дончев, тогаш директор на ФЗОМ, кога на согооврникот му раскажува како извршил притисок на еден министер од мојата влада, условувајќи го за да нема лични проблеми, да даде изјава против мене: ‘Се согласи да даде лоша изјава против Груевски’, гордо поентираше Ден Дончев, соселанин на Заев и мешетар кој промени повеќе партии и политички структури, кого потоа на видео го видовме како во кеш ја собира наградата за својот труд за ‘нацијата’“, пишува Груевски.
За Протоѓер Груевски вели дека сега се подготвувал да стане дипломатски придружник во некоја држава, а претходно во целост се ставиле на располагање на Заев за обвинувања против него за тргување со нивната сигурна слобода.
„Така ние ќе се спасиме, а Груевски и онака нема никогаш да се врати“, ги убедуваше преплашените обвинети сè уште ‘авторитетниот’ Протуѓер заради позицијата која му ја бев доделил во минатото“, пишува Груевски.
Груевски го коментираше и исказот на Павле Трајанив дека Груевски не требало да го прифати Пржинскиот договор и СЈО. За ова поранешниот премиер вели:
„Не можев да поверувам дека навистина Павле го кажал тоа. Ајде да го кажел некој граѓанин, кој не ги знае околностите и деталите од тоа време, да разберам некако. Ама Павле?!
Зошто? Токму неговото, на Павле Трајанов и на Лилјана Поповска, напуштање на владиното мнозинство, нè остави без мнозинство во парламентот во таа 2015 година, што беше клучната причина зошто прифативме Пржински договор и особено Специјално јавно обвинителство.
Можеби другите негови и на Л. Поповска прелетувања од еден во друг политички табор низ годините, со цел да останат на власт, немале некакво крупно влијание на иднината на земјата, на граѓаните и македонската нација, но она во 2015 година имаше огромно, би рекол решавачко влијание.
Ние ги издржавме сите притисоци за СЈО, вклучително и директните телефонски јавувања на В. Нуланд и на други претставници на меѓународната заедница, кои беа во правец да се прифати СЈО“, сведочи Груевски.
Тој раскажува и за една интересна средба американскиот амбасадор Џес Бејли и неколкумина претставници на политички партии од албанскиот кампус.
„Но, во еден миг, една вечер, после целодневни дебати во Пржино, кога веќе Павле Трајанов и Лилјана Поповска беа престроени, дојде тогашниот амбасадор на САД Џес Бејли, заедно со Али Ахмети и Мендух Тачи, во собата каде бевме ние шестмина од ВМРО-ДПМНЕ. Амбасадорот со неговиот преведувач седна околу метар-два зад нив, демек тие се преговарачите, а не тој, тие седнаа пред него, а наспроти нас, очигледно двајцата под огромен притисок.
Првиот кратко ни кажа дека ако таа вечер не го прифатиме формирањето на СЈО, тие утредента ќе објават и ќе излезат од владата, а вториот само кратко додаде: ‘А ние нема да влеземе’. Во позадина се гледаше задоволното лице на амбасадорот.
Што ќе значеше тоа? Тоа всушност ќе значеше, после прелетувањето на Павле и на Лилјана, немање мнозинство во парламентот…
Откако заминаа од собата, ние шестмината разговаравме, размислуваме, разменивме мислења, се чувме и со повеќе други членови на ИК. Беше јасно дека ако не прифатиме, утредента ќе се реализира заканата и веднаш ќе се види дека владата нема мнозинство, а веројатно брзо ќе има ново мнозинство. Во таква ситуација проценивме дека ќе имаат СЈО какво што ќе решат самите, закони какви што ќе решат самите, односно како што ќе им кажат да решат, и многу повеќе од тоа.
Оставени без клучната карта наречена ‘мнозинство во парламентот’, прифаќањето на СЈО беше единствен начин како партија да добиме на време. И добивме уште речиси две години за активности и борба за промена на ситуацијата, особено на јасното надворешното влијание. Ангажиравме и логистичка куќа и ги направивме сите потребни чекори.
За жал, картите не беа наместени во наша полза и во полза на Македонија, меѓународните околности во меѓувреме не се променија, и покрај сите наши напори и обиди да влијаеме, а дадовме сè од себе. Во тие две години вложивме огромен труд и напори“, пишува Груевски.
За него нема никакви сомневања дека „администрацијата на длабоката држава, Сорос, неколку супер моќни тајни служби и армија луѓе ангажирани од нив, други меѓународни актери и многу пари (овие пари на УСАИД за кои се коментира во последните недели се само врвот на сантатата мраз), останаа зад своите зацртани позиции и веќе донесени одлуки за насилна промена на власта во Македонија и инсталирање на ненародна власт со политичка марионета на власт по секоја цена“.
Груевски потсети и за тоа како гласаше Павле ТРајанов и Лилјана Поповска и за Договорот со Бугарија и за Преспанскиот договор.
„Ако нашето парламентарно мнозинство останеше компактно, ако Павле Трајанов и Лилјана Поповска не ја напуштеа коалицијата во тоа одлучувачко време за Македонија и македонската нација, немаше теоретски шанси да прифатиме СЈО ниту пак таков пржински договор.
Павле Трајанов е доволно искусен во политиката и сигурно го знае ова и го знаел и тогаш, како што добро знаел што направи најпрвин во август 2017 година, кога не го крена својот глас и не го напушти кревкото владино мнозинство во предвечерието на потпишувањето и на гласањето на договорот со Бугарија во Скопје, кој пак договор даде легитимитет на понатамошните постапки на Бугарија, и во 2018 година кога јавно ги повика пратениците во парламентот да го подржат Преспанскиот договор и промената на Уставот предложени од Зоран Заев.
Затоа сум збунет што Павле Трајанов воопшто дава такви оценки, бидејќи беше директен актер и причина за прифаќањето на СЈО и таквиот Пржински договор. Независно дали чекорот го направил заради притисок каков што видов со свои очи таа вечер што погоре ја опишав, или како и обично пред избори направил вообичаено престројување за да продолжи да е власт, или комбинација на двете претпоставки, тој е последниот во Македонија што треба да кажува требало или не требало да се прифати СЈО“, пишува Груевски.