среда, 24 јули 2024

Никој нема да студира на новиот факултет на Мерко додека не се исполнат условите, тврди Одборот за акредитација

На факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент и нема никој да студира сѐ додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми кои согласно Законот за високо образование се суштински дел за една високообразовна институција да започне со работа, велат од Одбор за акредитација на високото образование во денешното соопштение откако вчера медиумите објавија дека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко добил дозовла за формирање факултет за здравствени науки во рамки на неговиот приватен Меѓународен универзитет Струга.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението испратено до јавноста од Одборот за акредитација на високото образование велат дека Одлуката за давање одобрение за основање на факултет за здравствени науки при Меѓународен универзитет во Струга e донесена од Владата на седницата одржана на 9 април 2024 година, а објавена во Службен весник од 15 април 2024 година.

„На факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент и нема да се студира сѐ додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми кои согласно Законот за високо образование се суштински дел за една високо образовна институција да започне со работа“, велат од Одборот за акредитација на високото образование.

Оттаму појаснуваат дека првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра/медицински техничар) од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот универзитет во Струга, на седницата на Одборот за акредитација на високото образование на 6 јуни 2024 година е одбиена бидејќи не ги исполнувала законските услови.

„Според Законот за високо образование и подзаконските акти на националниот Совет за високо образование по Одлуката на Владата за давање одобрение за основање на факултет за здравствени науки при Меѓународен универзитет во Струга и поднесениот Проект за основање на Факултет за здравствени науки, Одборот за акредитација на високото образование беше обврзан да формира стручна експертска комисија за медицински науки (комисија од тројца универзитетски професори од кои двајца редовни професори на Медицинскиот факултет- Скопје на Универзитетот ‘Св.Кирил и Методиј’ – Скопје и еден редовен професор од Медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово за оценка на писмениот проект, за што поднесе два извештаи според кои се спроведе постапката на Одборот“, објаснуваат од Одборот за акредитација на високото образование.

Оттаму велат дека условите за почеток со работа на факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга согласно Законот за високо образование ги цени исклучиво Министерството за образование и наука и формираната Комисија од страна на Министерот за образование и наука.

„Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да запишува студенти, зошто за да почне со работа, потребно е да ги акредитира поединечно студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега согласно Законот за високо образование. Одборот за акредитација на високото образование не ги акредитираше и сите останати елаборати за студиските програми од други области на факултетите на Меѓународниот универзитет во Струга поднесени во 2024 година, односно беа одбиени“, информираа од Одборот за акредитација на високото образование.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ