Кирил Кузманов – саксофон, Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас гитара и Гоце Наумов – тапани се актуелната инкарнација на NEXT TO SILENCE, дружината која во изминатава декада и половина некако нè навикна со нагласено љубопитство да го следиме секој нејзин јавен исчекор и да ѝ се радуваме на звуковноста што ја изнедруваат од сопствените потраги и искуства. Споменативе деновиве, како 52 издание на етикетата SJF Records, го обнародуваат вториот свој албум „Рух“ чија концертна промоција е предвидено да се случи на претстојниот 43.Скопски џез фестивал.
За албумот ќе биде забележано дека „е сочинет од пет нови композиции во кои NEXT TO SILENCE вешто ја испреплетуваат духовноста и сарказмот, беседат за она што е далеку од нивната тактилност, но длабоко вкоренето во нивното осмислување на светот. Доследни на традицијата да се повикуваат на поими кои имаат пластови од всадени значења, тие звучно го илустрираат она што зборовите само површно го допираат. Со својата музика посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, а кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции“.
И, уште информациите дека композициите се снимени и миксани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Како продуценти се потпишани Next to Silence и Ивица Јанкуловски. Дизајнот на омотот е дело на Ника Гавровска, а извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
Конечно покрај физичкото компакт-диск издание, „Рух“ ќе биде достапен и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси како Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…
И, овде некаде низ фонот од музиката забележана на обете објави на дружината потекуваат зборовите…
По цели четири години од деби албумот „ … “ , NEXT TO SILENCE eve ги со „Рух“. За истата продукција SJF Records и со планирана концертна промоција на првата вечер од Скопскиот џез фестивал. Подобро здравје. Сепак, во какво расположение ве наоѓаат најавените настани? Имате ли простор да му се израдувате на ваквиот след на работите или… Што е она што сега ве вози?
-Најчесто Филип нè вози, зошто тој е посовесен шофер од останатите во бендот, а има и најрепрезентативна фризура од сите нас. Поради неа и сме во постојано добро расположение, така што во тој дух ги сведочиме новостите поврзани со Next to Silence. Многу му се радуваме на албумот, како во процесот на создавање и снимање, така и сега при неговото промовирање и изведување. Особено сме почестени што SJF Records повторно издаваат наш албум и секако чувствуваме голема одговорност тој да звучи и изгледа добро, но исто така и концертно да го изведеме уште подобро од снимката.
Наспроти медитативноста и препознатливиот звук на трубата на вашиот драг пријател и еден од најдобрите македонски џез музичари починатиот Александар Николовски Гроби, на новата објава до израз доаѓа енергијата на „новите“ членови во бендот – гитаристот Ади Имери и саксафонистот Кирил Кузманов. Фасцинантно е како во случајот се сплотени различните музички карактери и потребата да се движите слободно во нови пространства. Да се раскаже една поинаква сторија. Каква е предисторијата на настанокот на „Рух“? Која беше мислата која притоа ве водеше? Каде дофрлавте со неа во иднината?
-Секое досегнување по иднината започнува со чекорење кон предисторијата. Метафизичниот џез музичар Чарлс Лојд во една прилика рече „за да се истрели една стрела напред, истата треба на лакот да се повлече назад, односно за да ја дојдете до иднината треба да се вратите во минатото“. Тоа и ние на некој начин го правиме со нашиот албум „Рух“. Тој така е именуван во чест на нашиот драг Гроби, чиешто присуство сакавме да го просееме низ музиката на албумот. На некој метафоричен начин како што и Озирис беше расеан по смртта низ земјата и потоа прероден во билки, така и ние сакавме музичкиот дух на Гроби да го трансформираме во друга звучна димензија. Притоа немавме намера тоа да го направиме преку мелодраматики и хвалоспеви, туку со поинтимен музички однос меѓу нас и неговиот дух, а што е водно инкорпорирано во името на албумот, но и во имињата на некои од композициите.
Секако, во целиот тој процес имавме стремеж и кон еден поинаков звук, бидејќи ниту сакавме да го имитираме тоа што сме го свиреле со Гроби, ниту пак би можеле тоа да го достигнеме, затоа што тој имаше специфичен тон и емоција кои не можат никако да се репродуцираат. Исто така, со самото присуство на други музичари последователно се менува и звукот на групата, нормално доколку таа има таква намера. Ади е долгогодишен наш музички побратим и свиреше со Next to Silence долго време и не ретко заедно со Гроби ги вкрстуваа нивните величенствени солажи. Неговото повторно присуство во бендот, како и неверојатната моќ да го прилагодува карактерот на гитарата. внесоа друга димензија во музиката. Кире е дефинитивно допрен од џезерската севишност и со неговата маестралност ја заплови оваа друга димензија во модално пространство. Може само да замислите кон каде стрелаат неговите солажи и каде тие го насочуваат остатокот од бендот. Навистина е привилегија да се твори и свири со нив, и сета музика да се испреплетува со звуковната стаменост и префинетата музичка онтологија на останатите членови на бендот. Затоа и некако лесно се створи „Рух“, без многу паламудење, дрндање и идеологизирање, туку со љубопитство и волност за истражување.
На патот до сегашниот миг имав можност на неколкупати да ги следам вашите пројави на одбрани локации. Како онојпат во Заливот на Коските, во Охрид. И речиси и не успевав комплетно да ги насетам вашите идни исчекори. Затоа и сега некако сеуште барам одговори од преслушувањето на вашата музика. И, тоа ми се чини дека е убавиот момент. Оти албумот ги има сите нишани на потребата да се биде свој и слободен во време на изместени поимања и стеги. Ова ли е патеката што во времево пред нас ќе ве држи заедно и ќе ве насочува во средбите со публиката?
-Во најавата за нашиот настап на овогодишниот Скопски џез фестивал е посочено дека Next to Silence нема насока, но има правец. И навистина е така. Ние немаме предетерминиран однос кон музиката, туку единствено гледаме да не бидиме монотони во изразот. Кога креираме музика доаѓаме со мелодиски и ритмички скици и потоа ги зајакнуваме хармонски и структурално. Затоа и овој албум значително се разликува од претходниот, бидејќи гледаме музиката да ја однесеме во друг правец и да ја облагородиме со поинаква емоција и музичка реторика. Веројатно поради тоа во следниот албум ќе звучиме сосем поинаку, колку и да не сакаме тоа така да биде.
Не патиме од фрустрацијата да бидеме свои или оригинални, затоа што знаеме дека сите засебно имаме индивидуален карактер, кој станува уште поавтентичен кога ќе се соедини во една целина. Со самото тоа, ослободени од артизантски принципи или од некакви наметнати музичко-социјални традиции, ние сме такви какви што нѐ препознаваат. Притоа, кај повеќето членови во бендот има силно едукативно ткиво, дисциплина и знаење, па она што произлегува како музика не е воопшто случаен резултат, туку стабилно изграден корпус.
Иако живееме во време и на простор каде се измешани лончињата и планирањето на некаква агенда за делување во пошироки рамки е речиси невозможно, имате ли одредени најави за концерти и настапи на фестивалите во регионот, Европа…? Од што би зависел еден таков условен след на настаните?
-Ние уживаме во свирење на лончиња, а на тој начин некои од нас и почнаа со музика во детството. Па некако доследни сме на оваа реална и метафорична пракса и немаме баш некој проблем кога лончињата ќе се измешаат. Брзо се снаоѓаме и знаеме преку свирење да ја претвориме нивната растуреност во мелодија и(ли) ритам. Во таа смисла и нашиот однос кон измешаните лончиња во музичката индустрија е идентичен. Наполно сме свесни што се случува, без кукање ја прилагодуваме нашата природа на тековната состојба и едриме онака како што ние и ветровите ќе се поставиме. Па кога ќе почуствуваме дека треба да запловиме низ поширок простор знаеме како да ги подесиме кормилата.
Сега просторот во кој се движиме ни дари прекрасни искуства и комуникација со искрена публика, и навистина уживаме во таа непретенциозна пријатност. Скопскиот џез фестивал е едно од морињата во кои сакаме да пловиме и нуркаме, така што сега нашите едра се натаму насочени. Веруваме дека бивањето во водите на овој фестивал ќе ни донесе нови наутички искуства, а кои не исклучуваат и ангажирање на нашите подморници во иднина. Нашиот Наутилус и тоа како е подготвен и со радост ќе ја мимоидеме Атлантида само за да откриеме нови светови. Доколку се и тие подготвени за нас, тогаш со радост ќе зачекориме во нив и ќе ги обвиеме со нашата музика.
Од снимањето на „Рух“ до претстојните промотивни активности помина пристоен временски период. Што се случуваше во меѓувреме и колку притоа имавте простор за креирање на некои нови музики? Дури и поразлични од постојните? Каде би можел во иднина да ве води вашиот поединечен творечки немир сплотен во NEXT TO SILENCE?
-Ние сме контемплативен бенд без амбиции да ита во корпоративните трки. Знаеме колку ни е долга чергата и толку ќе ги испружиме нозете, или пак ќе ги собераме во лотус позиција за да го промислиме своето место, а и да оставиме простор и други да седнат на чергата. Секако, претходно си ги миеме стапалата, затоа што покрај тоа што е чин на лична хигиена, исто така тоа е укажување почит и кон оние кои се со нас на чергата или се наоѓаат во просторот каде што таа е распослана. Затоа и не брзавме со издавањето на албумот. Иако е снимен пред повеќе од година дена не сакавме по секоја цена да го расееме низ скромните полиња на македонската џез сцена. Требаше да им се остави простор на други бидејќи имаше одлични изданија на наши музичари и групи кои требаше публиката да ги слушне и да ужива во нив.
Исто така сакавме да ѝ дадеме и малку дистанца на музиката во „Рух“ и да видиме дали сме допреле нешто со неа. Ја слушавме во неколку наврати во студиото „Алшар“, каде што ја снимавме, и во секоја од тие пригоди се воодушевувавме на некои елементи од музиката, па дури и на последното преслушување пред да го дадеме конечниот микс за изготвувањето на цедето. Тоа е добар знак дека музиката е таму каде што треба да биде и навистина го изразува она што сме сакале да го кажеме преку неа. Во меѓувреме свиревме дел од композициите на некои од нашите настапи и видовме дека мошне темелно комуницираме со нив и после нивното снимање. Се ежевме додека ги изведувавме, што беше доволен показател дека имаме цврсти композиции кои треба да ги споделиме во форма на албум. После тоа Скопскиот џез фестивал ни излезе во пресрет и го застапи издавањето на нашиот албум, со што неверојатно многу придонесува во неговата промоција и доближување до многу поширока публика. Дали на нејзе ќе ѝ се допадне она на кое ние се ежиме останува да се види во наредниот период, иако веќе има слушатели кои ни доаѓаат на настапите и кои знаеме дека се еднакво возбудени и дури ги пеат мелодиите заедно со нас. За нив вреди да се плови, дури и по бурни мориња.
Мнозина сме подготвени да тврдиме дека во земјава има шаренолика вибрантна ЏЕЗ сцена која допрва треба да го стори својот интернационален исчекор. Го имаме Скопскиот џез фестивал прочуен во светот, уште неколку фестивали како Џез фактори во Битола, оној во Прилеп… единствени сме што имаме Национален џез оркестар, две академии на кои се изучува џезот…Колку е тоа според вас остварливо? Што ни недостига (едукација, промотери, медиуми, концертни сали…) за да сето тоа стане реалност?
-Македонија навистина има плодна почва, како за патлиџани, праски и грозје, така и за џез. Сѐ додека има некој кој ќе сади ќе има и плодови, а за среќа има сѐ повеќе земјоделци, односно џезоделци кои неуморно ораат и садат. И никој од овие џезоделци не живее единствено од својата музика, а нивниот број сѐ повеќе се зголемува од година во година и покрај тоа што сите се свесни за стопанскиот есап. Тоа само ја потврдува магичната вековна формула која за среќа е вткаена и меѓу џезоделците, а тоа се ентузијазмот и фанатичната посветеност. Тоа е суштинска пракса за вековното одржување на светот и присутна е кај јогините, средновековните монаси, родољубите преродбеници, борбените комити и партизани, авангардните њујоршки џезери и кај мајките кои раѓаат и растат деца дури и во невозможни услови.
Благодарение на практикувањето ваква вештина без пазарен есап и чистата љубов кон музичкат рожба се создава неверојатна сцена во Македонија, во времиња кога и воопшто нема инфракструктура за сцена. Освен фестивалите што ги набројавте погоре (и кои се вистински благослов за нашата средина), не постои ништо друго во земјава што ќе го одржува џезерскиот еснаф во живот. И она што неодамна се институционализираше сведочевме како веднаш беше сатанизирано од повеќе (не)културни сфери во државата. Така што ентузијазмот и независноста се круцијалната компонента во оваа земја за да се одржи рафиниратана есенцијалност на џезот. Така ние функционираме ментално како заедница и тоа е модусот кој нѐ одржува, односно опстојување преку копнеж и напрегање.
Комфорот очигледно нѐ распекмезува и гледаме како креативци и колективитети омекнуваат штом станат државни миленичиња. Можеби ваквата состојба на немање џез инфраструктура (со мноштво фестивали, клубови, културни центри и менаџери) е најдобра за Македонија и за одржувањето на независна џез сцена. Секој ред и реализиран идеал веројатно би нѐ претворил во опортунисти и во создавачи/изведувачи на питок површен џез. Ваквата состојба веројатно му одговара најмногу на нашиот ментален модус и видете, колку е таа полоша толку повеќе џезери има. Прашање е дали нема да ја изгубиме оваа возбудлива есенција на џезот ако нештата профункционираат и се доведат „во ред“?
Конечно, како NEXT TO SILENCE ја проектира својата иднина? Ќе имате ли сили да се справите со сите нелагодности од срединава при реализацијата на плановите? Какви вести да очекуваме од дружината во некое догледно време?
-Проектирањето им го оставаме на оние кои се занимаваат со проекти, проектили и видео проекции. Ние не ја перципирме средината како лагодна или нелагодна. Таа е таква каква што е и ние интерактираме со неа и во неа го инкарнираме нашето семе. Нејзе не ја разбираме како добра или лоша, или како пријатна или вознемирувачка. Ја гледаме како единствен простор во кого придонесуваме со нашето творење и тоа е она што ни е најбитно. Средината како поим и простор ја разбираме токму низ таоистичките принципи на средишниот пат и преземањето акција без намера. Сѐ додека имаме со што да придонесеме, дотогаш ќе создаваме, притоа неоптоварени од идејата да бидеме постојано актуелни, сеприсутни или успешни. Она што го имаме, тогаш кога го имаме, го ставаме на јавниот олтар од кого може сите да се причестат. Сега го имаме „Рух“ и безрезервно го споделуваме со сите оние кои се необременети со нашето постоење. Со него сега ги сееме нивите и плодните почви на македонската култура, а колку ќе созреат неговите плодови и колку со нив ќе се храниме зависи од сите нас.
Љупчо Јолевски