Египет, единствената држава освен Израел која има граница со Појасот Газа, трупа помош на својата страна на границата, но камионите не можат да поминат поради тешките воздушни напади на Израел врз Газа. По нападот на Хамас на територијата на Израел на 7 октомври, Израел кажа дека воведува целосна блокада на Појасот Газа во кој живеат околу 2,3 милиони луѓе, поради што се оставени без струја, храна и гориво.
ОН предупредија на „хуманитарна катастрофа“. „Израел нема да ја спречи хуманитарната помош од Египет сè додека станува збор само за храна, вода и лекови за цивилното население кое се наоѓа во јужниот појас на Газа или тоа кое таму се евакуира, и сè додека тие залихи не стигнуваат до Хамас“, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во соопштението се истакнува дека Израел ќе продолжи со блокадата на помошта од Израел во Газа „сè додека не се вратат назад нивните заложници“. „Секоја залиха која ќе стигне до Хамас ќе биде спречена“, се наведува.
Египет соопшти дека преминот Рафах, витална артерија пред борбите, а сега важна рута за очајнички потребните залихи, не е официјално затворен, но е недостапен поради израелските воздушни напади на страната на Газа.