петок, 18 октомври 2024

Нетанјаху: Израел се пресмета со Синвар, но војната не е завршена

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, изјави дека војната на Блискиот Исток сè уште не е завршена и дека палестинската милитантна група нема да остане на власт во Појасот Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Граѓани на Израел, Јахја Синвар е мртов. Одговорен за најголемиот масакр на Евреите по Холокаустот, главниот терорист кој уби илјадници Израелци и киднапираше стотици граѓани беше убиен од нашите херојски војници. Сметката е наплатена“, рече Нетанјаху.

Тој ги предупреди членовите на палестинскиот Хамас дека нивните водачи „ќе бидат елиминирани“, додавајќи дека на секој милитант што ќе ги ослободи заложниците и ќе го положи оружјето ќе му биде дозволено „да оди и да продолжи да живее“.

Во телевизиски говор, Нетанјаху рече дека убиството на Синвар е можност жителите на Газа да се ослободат од тиранијата, пренесува Ројтерс.

„Тој (Синвар) ви ги уништи животите“, им рече Нетанјаху на Палестинците во Газа. Нетанјаху нагласи дека регионот сега има можност да ја запре „оската на злото“, мислејќи на Иран и неговите посредници, Хамас и Хезболах, и да воспостави „мир и просперитет“ на Блискиот Исток.

Премиерот им порача на семејствата на заложниците дека Израел продолжува да работи на ослободување на киднапираните. „На драгите семејства на заложниците им велам: ова е важен момент во војната. Ќе продолжиме со полна сила додека сите ваши најмили, нашите најмили, не се дома“, нагласи Нетанјаху.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, ИДФ и Шин Бет синоќа потврдија дека Синвар бил убиен во јужниот дел на Газа во средата, но Хамас допрва треба да излезе со соопштение. Израел вршеше проверки во текот на денот, вклучително и ДНК тестови, за да утврди дали Синвар е меѓу неколкуте убиени Палестинци. Синвар е роден во Кан Јунис и беше избран за лидер на Хамас во Газа во 2017 година.

Тој беше назначен за политички лидер на таа милитантна палестинска група на почетокот на август, по атентатот на лидерот Исмаил Ханије во Техеран. Синвар (61) стои зад нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, оттогаш израелската војска го бараше во енклавата.

Тој помина 23 години во израелските затвори пред да биде ослободен во 2011 година како дел од размена на затвореници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ