петок, 18 октомври 2024

Нетанјаху го игнорира Бајден

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли апелот на американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од планираниот копнен напад врз Рафа, последното засолниште во Газа за повеќе од милион раселени лица. Израел верува дека таму се засолнети милитантите на Хамас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нетанјаху вчера им рече на пратениците дека „исклучително јасно“ му кажал на Бајден „дека сме решени да ја завршиме елиминацијата на тие баталјони во Рафа и дека нема начин да го направиме тоа освен со влегување на терен“.

Двајцата лидери разговараа телефонски во понеделникот. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон верува дека офанзивата на Рафа ќе биде „грешка“ и дека Израел може да ги постигне своите воени цели со други средства.

Американските и израелските власти најверојатно ќе се сретнат во почетокот на следната недела во Вашингтон за да разговараат за воената операција на Израел во Рафа, изјави вчера портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, наведувајќи ја длабоката загриженост поради информациите за неминовен глад во Газа.

Жан-Пјер рече дека Бајден побарал од Нетанјаху да испрати висок тим од воени, разузнавачки и хуманитарни претставници во Вашингтон на сеопфатни разговори во наредните денови, објави Ројтерс.

Вашингтон покрена нова дипломатска иницијатива за постигнување прекин на огнот за ослободување на заложниците и испорака на помош во храна за да се спречи гладувањето во палестинската енклава.

Државниот секретар Ентони Блинкен најави патување на Блискиот Исток, каде што ќе се сретне со високи лидери на Египет и Саудиска Арабија за да „разговараат за вистинската архитектура за траен мир“. Ројтерс соопшти дека е невообичаено што Блинкен не ја споменал посетата на Израел, чие министерство за надворешни работи соопшти дека не било известено да се подготви за неа.

Страдањето на цивилите во Газа создаде јаз меѓу десничарската влада на Нетанјаху и Вашингтон. Чак Шумер, лидерот на Бајденовата Демократска партија во Сенатот и највисокиот еврејски избран функционер во САД, минатата недела ги повика Израелците да го соборат Нетанјаху, за кој рече дека го уништува меѓународниот углед на Израел.

Израел вели дека ќе води војна во Газа додека Хамас не биде уништен и дека цел на неговите напади во последните недели се лидерите на исламистичкото движење. Советникот на Белата куќа Саливан потврди дека Израел го убил Марван Иса, заменик командант на военото крило на Хамас во Газа, во напад минатата недела. Хамас не потврди дека тој е убиен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ