петок, 31 јануари 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА ол стар: Од престиж, преку спектакл до пропаѓање – може ли да се спаси?

НБА oл стар викендот со децении за кошаркарските фанови беше еден од најочекуваните датуми во сезоната. Иако не беше императив, кошаркарите со статус на ѕвезди поделени во тимови од двете конференции имаа силен мотив натпреварот да го завршат како победници. Притоа нудеа една врвна кошаркарска забава и неспоредлив спектакл на највисоко ниво.

Ол стар натпреварот беше шанса за играчите што го градеа својот статус на идни легенди на кошарката да го презентираат својот талент во директен дуел со другите ѕвезди, создавајќи незаборавни моменти кои останаа врежани во историјата на лигата и спортот. Меѓутоа, последните години настанот е сѐ, само не престиж и спектакл. Безволен настап, никаква искра кон игра за победа, непостоечка одбрана, па дури и измислени повреди на избраните ѕвезди доведоа до големо пад на интересот и гледаноста. Навивачите, аналитичарите, па дури и играчите почнаа да се сомневаат во важноста и значењето на собирот на сите ѕвезди. Може ли Ол стар викендот да го врати своето поранешно значење или е осуден да остане блескав, но сепак празен спектакл, без својата главна поента и содржина?

Златната ера: Кога настапот беше престиж

Во своите први децении, Ол стар натпреварот беше полигон за докажување. Суперѕвездите како Вилт Чембрлен, Бил Расел и Оскар Робертсон играа со интензитет, желни да покажат дека се најдобри меѓу најдобрите. 1980-тите и 1990-тите уште повеќе  ја кренаа важноста на настанот, при што Лери Бирд, Меџик Џонсон, Абдул-Џабар, Ајзеа Томас и Мајкл Џордан натпреварот го користеа буквално како бојно поле за нивните ривалства. Желбата за победа беше неверојатно силна, скоро опиплива, а натпреварот имаше вистинско, реално значење како за играчите, така и за навивачите. Незаборавен на пример, беше  Ол стар натпреварот во 1992 година, кога Меџик Џонсон, кој претходно се пензионираше поради ХИВ дијагноза, се врати на теренот и тоа со триумфални 25 поени постигнати на спектакуларен начин во директен дуел со неговиот близок пријател Ајзеа Томас.

Ол Стар моменти за историја

За разлика од последните сезони низ Ол Стар натпреварот се трансформира во полесен тренинг и настап во стилот на Харлем Глобтротерс, тогаш натпреварот се играше со гордост и интензитет.

Вашиот колумнист го имаше тоа задоволство да присуствува и коментира неколку од нив што оставија траен белег на НБА и сеуште се паметат и прераскажуваат:

Во 1997 година во Кливленд на јавноста и беа преставени 50-те најдобри играчи во историјата. На полувремето легендите како Мајкл Џордан, Карим Абдул-Џабар, Бил Расел, Боб Кузи, Меџик Џонсон, Лени Вилкенс, Хаким Олајџувон, Мозес Мелоун стоеја заедно, еден до друг, поврзувајќи го минатото со тогашноста. На самиот Ол Стар меч Мајкл Џордан ја презентира својата супериорност, оствари трипл-дабл од 14 поени, 11 скока, 11 асистенции, но МВП трофејот му припадна на еден од најталентираните шутери што НБА некогаш го имала – Глен Рајс, кој постигна за тоа време рекордни, 24 поени во второто полувреме.

Во 1998-ма во Медисон Сквер Гарден во Њу Јорк бевме сведоци на 19-годишниот Коби Брајант, кој играјќи го својот прв Ол Стар натпревар, бестрашно се спротивстави на својот идол, Мајкл Џордан. Натпреварот беше вистински спектакл, манифестација на врвна вештина. Џордан на крајот го освои МВП трофејот со 23 поени, 8 асистенции и 6 скока, но перформансите и настапот на Коби го најавија доаѓањето на нова суперѕвезда.

Ол Старот од 2001 година во Вашингтон помина во целосна доминација на најпргавиот и најконтраверзниот играч во тоа време – Алан Ајверсон. Под негово водство беше остварен еден од најголемите пресврти во историјата на Ол Стар натпреварите. Истокот, предводен од Ајверсон и неговитѕе 25 поени, ја избриша негативата од 21 поен во последната четвртина и буквално го запрепасти Западот и сите што беа сведоци на пресвртот.

Следната 2002 година во Филаделфија, во својот роден град, Коби Брајант приреди шоу со 31 поен, освојувајќи го МВП признанието, но публиката во Филаделфија го следеше со непрекинати свирежи поради поразот на нивните 76-ки од Лејкерси во финалето претходната година.

Ол Стар викендот во Атланта 2003-та беше најавен како последниот Ол Стар натпревар на Џордан. Неговиот настап и целата атмосфера на натпреварот беше исполнета со носталгија. Иако веќе го помина својот играчки врв, во првото продолжение Џордан изведе еден од најнезаборавните потези на Ол Стар средбите со шут како да го допре плафонот на салата и влезе без коски низ мрежичката. На 4 секунди до крајот се чинеше дека Џордан пак носи победа на својот тим, сѐ додека Џермејн О’Нил не го фаулираше Коби Брајант, кој преку две слободни фрлања го изнуди второ продолжение и на крајот ја украде победата.

Во Лос Анѓелес 2004-та, иако не беше избран за стартер, туку како резерва на Јао Минг, во својата последна сезона во дресот на Лејкерси, Шекил О‘Нил остави неизбришлив впечаток делејќи го МВП признанието со Тим Данкан, како трет тандем на освојувачи на трофејот, по Бејлор/ Петит и Стоктон/Мелоун.

Младиот 22-годишен Леброн Џејмс 2006-та во Хјустон го освои својот прв Ол Стар МВП , постигнувајќи 29 поени и покажувајќи дека иднината на лигата лежи во добри раце.

Седум Ол Стар викенди во златните години на НБА, во кои оние ѕвезди што не ќе беа избрани за настап на главниот натпревар беа видно разочарани, дури и фрустрирани.

За разлика од последните години, кога најголемите ѕвезди на лигата одат на Ол Стар затоа што на тоа ги принудува лигата, без воља, а со интенција единствено да се покажат, пофалат со новите лукративни договори, да помуабетат и да си одат одморени.

Блескавост и промоција, но без главна супстанција

Во последниве години, Ол стар натпреварот нема жар и компетитивност и целосно се преориентира на забава. Без  одбрана, со бескрајни цепелини и тројки од половина терен, играта се претвори во позирање и промоција, а не натпревар на најдобрите во директен судир едни против други. Промените што ги воведе лигата како што беше воведувањето на „Elam Ending“ во продлженијата, драфтување тимови наместо форматот „Исток против Запад“ и низа други новотарии, наместо да ја вратат вистинската конкурентност, донесоа контра-ефект. Рејтинзите го потврдуваат тоа.

Ол стар натпреварот во 2023 година беше најмалку гледан во историјата, а многумина, меѓу кои и легенди на овој спорт како Чарлс Баркли, Шекил О’Нил, Винс Картер, Лери Брд го нарекоа „негледлив“ поради недостаток на воља и игра без одбрана. Дури и самите играчи признаа дека не ја сфаќаат играта сериозно. Рекордните 55 поени на Џејсон Тејтум на тој натпревар беа импресивни, но исто така беа резултат на еден вид шутерско тренинг-шоу, а не вистински тест на неговата шутерска вештина.

Неколку фактори неспорно придонесуваат за проблемите со главниот натпревар на Ол стар викендот:

  1. Пред сѐ, недостасува вистинска стимулација. Порано во бејзбол лигата Ол стар натпреварот ја одредуваше предноста на домашен терен во MLB финалето. Тоа беше вистинска стимулација за играчите бидејќи победата на Ол стар натпреварот им носеше на нивните тимови реална предност доколку се пласираат во финалната серија. Во НБА овој натпревар нема влог, не носи ништо, нема стимулација за силен ангажман. Играчите од новата ера имаат малку причини да вложат максимален напор. Тие во другиот тим не гледаат конкуренција, туку друштво за забава.
  2. Со огромни договори и исто такви финансии, играчите се двоумат дали да ризикуваат повреда во егзибициска игра. Ова од една страна е разбирливо, но од друга ја одзема конкурентска димензија на натпреварот и меѓу играчите.
  3. НБА фановите своето внимание го посветуваат на возбуда, дуели и компетитивност, а не на спортско шоу без и малку оган и на бескрвна претстава. Сакаат да ги видат најдобрите како се надигруваат со сето знаење и талент, а не како им честитаат на противниците за успешен цепелин 😊. Згора на тоа, со оглед на можноста за моментен пристап преку социјалните медиуми до најважните и најатрактивните моменти од средбата, многумина не гледаат причина да следат целосен, скоро тричасовен натпревар на кој му недостасува интензитет.
  4. Форматот на драфтување на тимовите првично беше интересен, но ја загуби својата иновативност и возбуда. На крајот овој формат го сведе Ол стар натпреварот на баскетџиски дуел, наместо да промивира еден убаво осмислен и значаен натпревар и настан за промоција на играчите и спортот.

Наследство што вреди да се зачува

НБА ол стар натпреварот е на крстопат, може да го продолжи својот сегашен пат кон ирелевантност и драстичен пад на рејтинзите, или да се препороди со значајни промени пред сѐ во правец на мотивација на играчите, будење на конкурентноста и промоција на кошаркарите над сѐ како врвни и посветени спортисти, а најмалку како шоумени и милионери. Обожавателите копнеат за враќање на деновите кога НБА ѕвездите се бореа за гордост, наследство и лично докажување меѓу најдобрите, кога играа на победа против нивните ривали. Нив не ги привлекува позерство и желба за пријателска дружба меѓу играчите. Нив ги привлекува желба за борба и победа, во натпревар во кој сето знаење и можности ќе ги покажат најдобрите играчи во светот. Ако НБА може да најде начин да го запали натпреварувачкиот дух на овој настан, Ол Стар натпреварот повторно може да биде спектакл што мора да се гледа, славејќи го и минатото и иднината на овој спорт.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Дејан Донев

Отворено писмо до познатото другарче

Тодор Петров

Бугарија договорила историја со Македонија уште во 1947 година

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе ја брани вистината во свет без факт-чекери?

Бранко Азески

Сoпствен кадар и верба во себе

Ристо Цицонков

Ало Америка, природата не знае да глуми

Александар Донски

Пророштвата на Нострадамус посветени на Македонија и на Македонците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ