понеделник, 21 октомври 2024

Навални за утринските рутини во арктичкиот затвор: Секое утро во 5 ни пуштаат про-Путинова песна (ВИДЕО)

Најпознатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални тврди дека откако бил отруен, нападнат и затворен без соодветна медицинска нега, се соочува со нов предизвик: принуден е секое утро во 5 часот да го слуша про-Путиновиот поп-пејач, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Навални (47), поранешен адвокат кој влезе во политиката пред повеќе од една деценија критикувајќи ја Путиновата елита и широко распространетата корупција, се наоѓа во затвор на околу 60 километри северно од Арктичкиот круг.

Осуден е на затвор до својата 74 година, а вели дека секое утро по будењето мора да ја слуша руската химна, по која од разгласот свири „Ја Рускиј“ (Јас сум Русин), патриотска песна во изведба на про-Путиновиот пејач Шаман.

Шаман, чие вистинско име е Јарослав Дронов, понесен од бранот патриотизам поттикнат од војната стана главна тема на државните ТВ канали и е една од познатите личности кои официјално го предложија Владимир Путин за нов претседателски мандат.

Во популарната песна, која понекогаш ја изведува облечен во црна кожна облека со лента на раката во боите на руското знаме, говори дека Русите се нескршливи и дека ќе одат до крај, дека е „Рус, за инат на целиот свет“ и дека во себе ја носи татковата крв.

Во ноември, 32-годишниот пејач симулираше активирање на нуклеарна бомба на концерт што го емитуваше државната телевизија, притискајќи црвено копче во лажен нуклеарен куфер, по што се активирал огномет.

Во порака објавена на Икс од неговите сојузници, Навални ја опиша својата утринска рутина.

„Пејачот Шаман стана познат кога веќе бев во затвор, па не можев да го видам или да ја слушам неговата музика. Но, знаев дека тој стана главен пејач на Путин и дека неговата главна песна беше ‘Јас сум Русин’“, напиша Навални.

„Секако дека ме интересираше како звучи, но каде можев да го слушам во затвор. А потоа ме донесоа во Јамал. И овде секој ден во 5 часот наутро ја слушаме командата: ‘Стани!’, проследена со руската национална химна, а веднаш потоа свири втората најважна песна во земјата – ‘Јас сум Русин’ од Шаман“, рече тој.

Иронично е, рече Навални, дека државната пропаганда еднаш истакна дека тој марширал со руски националисти на годишните маршеви, а сега, години подоцна, му свират ултранационалистичка поп песна за едукативни цели додека ги изведува утринските затворски вежби.

„Искрено, сè уште не сум сигурен дека сосема разбирам што е пост-иронија и мета-иронија. Но, ако ова не е тоа, што е? – праша Навални.

Навални е во затвор, неговото движење е забрането, а повеќето негови главни поддржувачи избегаа во странство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ