„Во врска со вчерашните изјави во јавноста со кои се отвораат дилеми околу ништавноста на сите акти донесени во периодот од изборот на Сашко Георгиев за претседател на Судскиот совет до моментот на давањето на негова оставка , а во врска со донесената правосилна и извршна пресуда на Управниот суд, Судскиот совет има потреба да се произнесе со став дека сите акти донесени во овој период се во правна сила. Со пресудата на Управниот суд не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, бидејќи се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка“, реагираат од Судскиот совет.
Откако Весна Дамева се врати на чело на Судскиот совет, а по пресудата на Управниот суд кој одлучи дека Дамева била незаконски разрешена од функцијата во мај 2023 година реагираа од Коалицијата „Сите за правично судење“ според која сите одлуки од разрешувањето на Дамева до нејзиното враќање се ништовни.
„Сакаме да потенцираме дека ништовноста на одлуката за разрешување, ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓудругото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател. Оттука нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат кој се смета дека никогаш не започнал да тече“, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Судскиот совет завчера на итна седница ја прифати оставката на сега веќе поранешниот претседател Сашко Георгиев, а согласно пресудата на Управниот суд, без расправа констатираше дека Весна Дамева која беше разрешена во мај минатата година, се враќа на функцијата претседателка на Советот.