сабота, 27 јули 2024

Прифатена оставката на Георгиев, старо-новата претседателка Дамева не очекува бојкот на работата на Судскиот совет

Судскиот совет денеска на итна седница ја прифати оставката на сега веќе поранешниот претседател Сашко Георгиев, а согласно пресудата на Управниот суд, без расправа констатираше дека Весна Дамева која беше разрешена во мај минатата година, се враќа на функцијата претседателка на Советот.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Георгиев во образложението за оставката меѓу другото истакна дека неговото назначување за претседател на Судскиот совет воопшто не е дел од пресудата на Управниот суд.

„Вчера ја добивме одлуката од Управен суд. Сметам дека е потребно да истакнам дека мојот избор за претседател не е воопшто предмет на оваа пресуда“, рече тој.

Дополни дека немал никакви притисоци и влијанија, и како што рече, „исклучително совесно, професионално и одговорно работев и го претставував Советот“.

„Сум можел и сме можеле уште многу повеќе и многу подобро“, рече тој.

Заменик претседателот на Судскот совет, Ханиф Зендели, по неговото излагање констатираше дека нема потреба од расправа бидејќи станува збор за барање за оставка и посочи дека на Георгиев му престанува мандатот со денешниот датум.

„Георгиев останува како член да ја извршува својата обврска додека му трае мандатот“, рече тој.

Во однос на точката за постапување по пресудата од Управен суд со која се поништува одлуката на Судски совет за разрешување на поранешната претседателка, Весна Дамева, Зендели констатираше дека имајќи ја предвид оваа пресуда, останува во сила одлуката за избор на Весна Дамева за претседателка.

„Имајќи ја превид пресудата на Управен суд, констатирам дека донесената одлука за избор на претседателот Весна Дамева од 5.12.2022 година останува во сила. Од сега натаму претседател на Судски совет е Весна Дамева“, рече тој.

Во 2023 година имаше непријатна состојба во Судскиот совет и јас се надевам дека 2024 година ќе биде година во која што сите членови на Судскиот совет поединечно и во состав на Советот ќе најдат начин да ја санираат таа состојба, односно да покажат дека можат да се движат по трасираниот пат исполнувајќи ги основните заложби, изјави Весна Дамева, по завршувањето на седницата.

Пресудата на Управниот суд, според Дамева, е првиот чекор напред, којшто влева надеж дека правдата е достижна.

„Длабоко се надевам и очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не може да ја почитуваат. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без разлика за кого е и против кого е“, нагласи Дамева.

Зборувајќи за, како што рече таа, стручниот придонес и критиките од навладиниот сектор, Дамева кажа дека ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, таа критика мора и треба да биде прифатена подеднакво  и позитивно од сите.

„Би сакала да ја истакнам и поддршката што ни беше дадена од страна на ЕУ преку Извештајот којшто беше изготвен од страна на Оценската мисија во кој се детектирани сите состојби и слабости на Судскиот совет и верувам дека истиот на сите членови подеднакво ќе ни биде патоказ за постапување и понатамошно однесување“, изјави Дамева.

Во однос на прашањето дали одлуките што досега се донесени, а се потпишани од судијата Георгиев, Дамева рече дека и ова прашање ќе биде предмет на анализа на Судскиот совет и посочи дека Советот е колективно тело и одлуките го носи колективно и во тој дел не очекува било какви дилеми.

Прашана какво однесување очекува од колегите, Дамева рече дека грешката е направена, но исправена со пресуда од Управниот суд.

„Не очекувам од ниту еден член на Судскиот совет и не би сакала да верувам, дека на тивок начин или гласно, ќе ја опструираат работата, бидејќи ова не е парламент да има тивок бојкот. Ова е Судски совет и има предвидено начини и механизми и активности што треба да ги спроведува и очекувам Советот и понатаму да продолжи да работи без било какви опструкции, а секое опструирање на работата, секое непостапување и недоаѓање на седници си има пропишано законска процедура и понатаму ќе се санкционира“, рече Дамева.

Легитимитетот на Судскиот совет, според Дамева, не е донесен во прашање, бидеќи не сите заеднички ја донеле одлуката за нејзино разрешување и порача дека има законска постапка и начин како се разрешува во Судскиот совет.

„Секој член на Судски совет е подложен на разрешување, меѓутоа тоа значи законски спроведена постапка и начин утврден во закон“, изјави Дамева.

Седницата следува по денешниот работен состанок на Советот на кој беше разгледана пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Дамева.

Управниот суд денеска ја објави пресудата во која меѓу другото е наведено дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во мај минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ