Научниците предупредија дека директниот удар, кој може да се случи на 22 декември 2032 година, има потенцијал да ослободи речиси осум мегатони енергија – доволно да уништи град, со радиус на експлозија од околу 48 километри.
Меѓутоа, набргу по еден наутро НАСА објави дополнително ажурирање на својата страница Сентри. Според НАСА, полната месечина ја ограничила нивната способност да го набљудуваат астероидот, но велат дека потемното небо сега им овозможило повторно да го видат астероидот појасно.
Тие за повеќе од дупло го намалија ризикот од судир, од 3,1 отсто на 1,5 отсто – што е шанса од еден спрема 67. Исто така, постои 0,8 отсто шанса тој да удри во Месечината.
„Новите набљудувања на астероидот 2024 ИР4 ни помогнаа да ја ажурираме неговата шанса за удар во 2032 година. Моменталната веројатност е 1,5 отсто. Нашето сфаќање на патеката на астероидот се подобрува со секое набљудување“, соопшти НАСА.
New observations of asteroid 2024 YR4 helped us update its chance of impact in 2032. The current probability is 1.5%.
Our understanding of the asteroid’s path improves with every observation. We’ll keep you posted. https://t.co/LuRwg1eaCv pic.twitter.com/SfZIxflB95
— NASA (@NASA) February 20, 2025
„Очекуваме веројатноста за судир да продолжи да се развива додека се вршат нови набљудувања во наредните денови и недели.“
Европската јужна опсерваторија (ЕСО) исто така го намали ризикот од судир. Пред само два дена, според нив, шансата за судир била 2,8 отсто, додека сега е 1,4 отсто.
Се проценува дека астероидот е широк околу 40 до 90 метри и се движи низ вселената со брзина од околу 61.000 км/ч. Неговиот пад би можел да се случи некаде по појасот што се протега низ источниот Пацифик, северна Јужна Америка, Атлантски Океан, Африка, Арапско Море и јужна Азија.
Голем дел од таа рута минува преку океанот, но „ризичната зона“ вклучува неколку големи градови, вклучувајќи ги Богота, Лагос и Мумбаи.
Опсерваториите ширум светот работат на прецизирање на орбитата на астероидот ИР4, а вселенскиот телескоп Џејмс Веб е распореден за подобра процена на неговата големина. „Потребно е долго време, бидејќи треба да почекате астероидот да се придвижи за да се направат дополнителни мерења“, вели астрономот Оливие Хеjно од Европската јужна опсерваторија.
Астероидот на Божиќ помина на 828.812 километри од Земјата, а сега се оддалечува од нас додека кружи околу Сонцето. Повторно ќе се приближи до Земјата во средината на 2028 година, како и во 2032 година.
„Можеме прилично лесно да го набљудуваме ИР4 уште еден месец со големи телескопи, но потоа ќе станува сè потешко и потешко“, рече Хејно. „До почетокот на април ќе биде надвор од дофатот на повеќето телескопи. Се надеваме дека орбитата ќе биде доволно прецизна за целосно да се исклучи можноста за судир.“