сабота, 19 октомври 2024

Нагорно Карабах: ЕУ, САД и Русија одржале тајни разговори еден ден пред офанзивата на Азербејџан

Високи функционери од Соединетите Американски Држави и Европската Унија се сретнале со руски колеги на тајни разговори во Турција, со цел да го решат конфликтот околу Нагорно Карабах, само еден ден пред Азербејџан да ја почне воената офанзива минатиот месец за да ја заземе спорната територија населена со етнички Ерменци, пишува Политико.

Објавено на

часот

Сподели

Состанокот означува редок, иако на крајот неуспешен, контакт на Москва и Западот во врска со главниот безбедносен проблем, откако почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 ги прекина вообичаените дипломатски односи.

Еден дипломат запознаен со разговорите кажал за бриселскиот портал дека состанокот одржан во Истанбул на 17 септември е дел од напорите да се изврши притисок врз Азербејџан да ја прекине деветмесечната блокада на Нагорно Карабах и да се дозволи влез на конвоите со хуманитарна помош од Ерменија. Според него, состанокот се бавел со тоа како залихите храна и гориво да се достават до 120.000 жителите на таа територија.

Америка ја претставувал Луис Боно, виш советник на Вашингтон за преговорите за Кавказ, додека ЕУ го испратила Тоиво Клар, својот претставник за регионот. Русија ја претставувал Игор Ховаев, специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за односите меѓу Ерменија и Азербејџан.

Таквите дипломатски контакти на високо ниво се ретки. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнаа на маргините на Г20 во Индија, но Москва инсистираше дека средбата се случила непланирано и дека не се одржале преговори.

Во изјава за Политико, еден функционер на ЕУ оценил дека е важно да се одржуваат каналите за комуникација со релевантните соговорници за да се избегне недоразбирање. Тој додаде дека во изминатите години се труделе да ги држат „линиите отворени“ на бројни фронтови.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент одби да зборува за состанокот, кажувајќи дека „не коментира приватни дипломатски разговори“.

Меѓутоа, американски функционер запознаен со ова прашање кажал дека разговорите се производ на проценката дека Кремљ сè уште има влијание во регионот.

„Мораме да бидеме во можност да соработуваме со Русите на ова бидејќи тие имаат влијание врз сите учесници, особено во овие несигурни времиња“, кажал американскиот функционер.

Азербејџан на 19 септември почна офанзива на Нагорно Карабах, испраќајќи тенкови и трупи во регионот, проследени со артилериски оган. Ерменските лидери на Карабах беа принудени да се предадат по 24 часа жестоки борби во кои загинаа стотици луѓе на двете страни. Ерменската влада соопшти дека над 100.000 луѓе ги напуштиле домовите и ја поминале границата, стравувајќи за своите животи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ