Навивачите на Шкупи на вчерашниот меч против Вардар провоцираа со екстремно националистичка содржина на паролите што ги вадеа во текот на натпреварот.
„Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија“, гласеше една од паролите.
Имало пароли и извици со кои се величат убијците на младото момче Никола Саздовски – Саздо, кој беше припадник на навивачката група „Комити“.
Иако национализмот е строго забранет на трибините на спортските натпревари, синоќа немаше реакција од ФФМ и МВР. Двете институции уште не се изјасниле за инцидентот.
Покрај овие испади на навивачите на Шкупи, синоќа се случи и уште еден инцидент на овој натпревар. По крајот на мечот фудбалерот Воша држеше запален факел додека славеше со фановите, нешто што е строго забрането. Полицијата што беше присутна на мечот не реагираше.