петок, 18 октомври 2024

Началникот на израелската армија вели дека земјата мора да биде подготвена за офанзива против Либан

Израелската армија е сè поподготвена решително да ја прошири својата борба против шиитската милиција Хезболах во Либан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска одобривме различни планови за иднината и мора да бидеме подготвени за офанзива доколку е потребно“, рече началникот на Генералштабот Херзи Халеви за време на посетата на воениот штаб во северниот израелски град Сафед. Израелските одбранбени сили „и Северната команда во нив се на многу високо ниво на подготвеност“, додаде тој.

Израелската армија е ангажирана во постојани борби со единиците на Хезболах во јужен Либан, откако исламистичкиот Хамас со седиште во Газа ја нападна граничната област во јужен Израел на 7 октомври.

Хезболах вчера истрела ракети врз израелскиот пограничен град Кирјат Шмона, а израелската полиција соопшти дека се оштетени неколку згради. Никој не е повреден.

На почетокот на војната во Газа, властите од безбедносни причини преместија десетици илјади жители од северниот регион во внатрешноста на земјата.

Три лица, меѓу кои и еден борец на Хезболах, беа убиени вчера во израелски напади врз позиции на Хезболах во јужен Либан, јави либанската новинска агенција ННА.

Овие битки од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година.

Но, набљудувачите велат дека двете страни сè уште следат одредени неизговорени правила, бидејќи досега избегнуваа понатамошна ескалација.

Хезболах, кој е поддржан од Иран, ја контролира владата во Либан и има арсенал на ракети кои претставуваат закана за Израел.

Еврејската држава, од друга страна, е воено способна да му нанесе неизмерна штета на Либан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ