сабота, 23 ноември 2024

На УКИМ е промовирана „Буки“ – прва дигитална платформа за транскрипција на говор на македонски јазик

Дигиталната платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик – „Буки“, која овозможува унапредено користење на официјалниот јазик при креирање текстови во дигитална форма, денеска беше пуштена во употреба на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Платформата овозможува пренос на усно изговорена мисла на македонски јазик во пишан текст кој содржи интерпункција, мали и големи букви. Во моментов функционира моделот за литературен јазик, но се работи и на втор модел, кој би ги препознавал македонските дијалекти. „Буки“ може да им биде од корист на сите кои работат со транскрипција на текст (интервјуа, предавања, теренски белешки, потсетници), на лица со хендикеп, транскрипција и анотација на македонското културно наследство, архиви, снимки во МРТВ итн.

Моделот е креиран од Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска, како дел од активностите на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) при УКИМ, и во соработка со проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, на презентацијата истакна дека создавањето на платформата е „патриотски придонес“ на Универзитетот и на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс).

„Овој модел може да им биде од корист на сите кои работат со транскрипција на текст (интервјуа, предавања, теренски белешки, потсетници), но и на лица со хендикеп, а се надеваме дека овој модел ќе најде примена и во многу дигитални алатки кои го прават нашиот живот полесен. Во моментов ја презентираме првата верзија на моделот, но тимот кој го изработи моделот е детерминиран да се изработи и втора подобрена верзија, како и верзија за транскрипција на дијалектите на македонскиот јазик, која ќе придонесе за научноистражувачката работа на УКИМ, но и ќе ги зачува дијалектите за наредните генерации“ рече Ангелова.

Идејата за проектот била на проф. Никола Стиков кој на презентацијата рече дека таа најпрво била од лични мотиви, а потоа и заради исклучителната важност да се зачува македонскиот јазик и наследство.

„Илјадници часови снимени материјали се распаѓаат во влажните ќошиња на македонските институции, чекајќи да бидат пребарани и индексирани. Моделот „Буки“ е првиот чекор кон зачувувањето на ова богатство. Трениран е со само 60 дополнителни часа говор, но веќе е далеку подобар од конкуренцијата“ потенцираше Стиков.

Изработката на платформата „Буки“ ја поздрави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој истакна дека е фасциниран од оваа иновација која инспирира со можностите што ги нуди.

Нагласи дека е многу важно политиката сега да го препознае ова што го прави науката и, рече, да најдеме начин како да ја примениме вештачка интелигенција  во дигиталната трансформација на општеството. Посочи и дека во светот на брзи технолошки промени, промоцијата и заштитата на македонскиот јазик е императив.

„Ова е вистински патриотски чин што го правите вие, како идејни творци и целата организациска структура околу проектот. Освен што е предизвик заштитата и промоцијата на македонскиот јазик, со дигиталните алатки сега станува и нова можност, затоа што вештачката интелигенција има потенцијал да ја развива таа можност и да ја однесе на некои нови гранки“, рече Андоновски.

По промоцијата на моделот, УКИМ почна кампања „Донирај глас“ и секој кој сака да придонесе, ќе може да го донира својот глас – да прочита текст на македонски и да го прикачи на платформата Мозила.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ