„Тие ја сменија тактиката, го намалија бројот на војници во нивните јуришни групи“, изјави Станислав Краснов од 95-та воздухопловна бригада на Украина. Тој додаде дека севернокорејските војници сега оперираат во помали групи од 10 до 15 луѓе, додека претходно оперирале во поголеми формации од по 50 војници.
Говорејќи за Арми ТВ, Краснов истакна дека Севернокорејците сè уште оперираат во поголеми единици од руските војници, но се многу повнимателни. „Сега се движат многу повнимателно, што е видливо и на снимките од воздух. Веќе го нема она претходно храбро марширање низ полињата како сè да им припаѓа“, објасни тој.
Шефот на украинската разузнавачка служба откри дека Северна Кореја ѝ испорачува на Русија дури половина од артилериските гранати што ги користи на бојното поле. Иако украинската разузнавачка служба минатиот месец тврдеше дека половина од тие гранати биле неисправни, генерал-полковник Кирило Буданов сега нагласува дека Северна Кореја станала најголемиот снабдувач со оружје на рускиот претседател Владимир Путин.
Тој особено го истакна напредокот во прецизноста на севернокорејските балистички ракети КН-23. „Првата употреба покажа ниска прецизност“, рече тој. „Меѓутоа, со помош на руски експерти беше извршена модернизација, сега точноста на овие ракети е целосно прифатлива за овој тип на оружје.
Буданов предвидува дека Северна Кореја оваа година ќе испрати уште 148 ракети КН-23, како и меѓу 1.500 и 2.000 војници за да ги заменат 4.000 ранети или убиени на украинското бојно поле.
Двајца заробени севернокорејски војници зборуваа за суровите услови на бојното поле Курск. „Јас сум единствениот преживеан од мојата единица“, изјави еден од војниците на јужнокорејски новинар. „Некои од моите другари се разнесоа за да избегнат фаќање, оставајќи ги зад себе само остатоците од нивните тела… Среде зима, снегот паѓаше, тие лежеа таму… а мирисот на крв сè уште ме прогонува“.