„Мерката 112 се однесува на помош на младите земјоделци за започнување на земјоделска дејност со финансиска поддршка до 600.000 денари од прифатливите трошоци по поединечен корисник. Средствата од финасиската поддршка се наменети за инвестиции во набавка на нови основни средства, оперативни трошоци поврзани со набавените средства и останати трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година“, велат од МЗШВ.
Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати.
Од МЗШВ посочуваат дека како корисници на мерката се јавуваат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
„Поддршката за оваа мерка, првпат од оваа година, започнува да се исплаќа авансно, веднаш по потпишувањето на договорот, во висина до 40 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Напоменуваме дека во овој јавен повик како прифатлив трошок не се земаат набавката на трактор и приклучна механизација“, се вели во соопштението на министерството.
Барањата за аплицирање се поднесуваат по електронски пат, по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk.
Крајниот рок за доставување на барањата е 15 октомври 2023 година.