среда, 26 февруари 2025

Москва, сепак, има проблем со европски сили во Украина

Само неколку часа откако САД, заедно со Русија, гласаа за резолуцијата во Обединетите нации што го штити Владимир Путин од критики за војната во Украина, а претседателот Доналд Трамп даде гаранции дека рускиот лидер се согласил за влез на европските сили во Украина, Москва ја демантираше неговата изјава.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вчера, на прашањето за тврдењето на Трамп дека Русија е отворена за распоредување европски мировни сили во Украина, Кремљ ги пати новинарите на претходната изјава дека таквиот потег би бил неприфатлив за Москва.

Русија постојано вели дека се противи на присуството на војници на НАТО на украинска територија, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела изјави дека Москва ќе го смета тоа за „директна закана“ за суверенитетот на Русија, дури и ако трупите дејствуваат таму под друго знаме.

Запрашан за коментарот на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се воздржа од јавно оспорување на изјавата на американскиот претседател, но во суштина го повтори руското противење на идејата.

„Постои став за ова прашање искажан од рускиот министер за надворешни работи Лавров. Немам што да додадам или коментирам. Ова го оставам без коментар“, рече Песков.

Трамп во понеделникот, за време на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека и тој и Путин ја прифатиле идејата за европски мировни сили во Украина доколку се постигне договор за ставање крај на војната.

„Да, тој ќе го прифати тоа“, рече Трамп. „Му го поставив тоа конкретно прашање. Тој нема проблем со тоа.“

Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, не одговори директно на вчерашниот коментар на Кремљ, велејќи дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да работи со Москва и Киев за ставање крај на војната.

„Заложбата на претседателот Трамп да ѝ стави крај на оваа брутална, крвава војна и потоа да воспостави рамка за траен мир нема да биде предмет на преговори преку медиумите“, рече Хјуз.

„Администрацијата на Трамп знае дека зачувувањето на мирот бара поголем ангажман на Европа, и слушнавме лидери како претседателот Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, како и други, што нудат да преземат поголема улога. Ние продолжуваме да работиме со Русија и Украина за да постигнеме мир, бидејќи не можете да ја завршите војната без разговори на двете страни“.

Прифаќањето на европските сили во Украина од страна на Путин би претставувало изненадувачка промена во руското размислување. Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) минатата година предупреди дека Западот би можел да се обиде „суштински да ја окупира Украина“ под изговор дека ќе распореди мировни сили, пишува Гардијан.

Британскиот весник посочува и дека сегашната неизвесност дополнително ги зголемува стравувањата во Европа дека САД немаат целосно развиен план за прекин на огнот или дека поставиле нереални очекувања во однос на способноста на Трамп да го принуди Путин на компромис.

Средбата на Макрон и Трамп во понеделникот изгледаше срдечна, иако францускиот претседател со насмевка го поправи американскиот лидер за време на нивното заедничко појавување. „Тој спој на ласкање и благ отпор е пример за тоа како некои европски лидери се обидуваат да ѝ пристапат на Америка во овој напнат момент“, пишува Њујорк тајмс.

Макрон го искоригира тврдењето на Трамп дека европските земји целата своја помош ја дале за Украина во форма на заеми, велејќи дека земјите дале „вистински пари, да бидеме јасни“.

Сепак, насмевките и ракувањата меѓу Макрон и Трамп не можеа да го скријат фактот дека на 200 милји северно од Вашингтон, во седиштето на ОН во Њујорк, САД сакаа да покажат солидарност со Русија, а не со Европа, посочува Гардијан.

На Генералното собрание на Обединетите нации во понеделникот, САД неуспешно се обидоа да се спротивстават на резолуцијата со која се бара повлекување на Русија од Украина. Меѓутоа, во Советот за безбедност, Вашингтон го обезбеди усвојувањето резолуција со која се повикува на мир, без да се припишува вина за војната.

Коментирајќи го исходот од гласањето во Советот за безбедност, рускиот министер за надворешни работи Лавров вчера изјави дека тоа покажува оти причините за војната во Украина „сѐ подобро се разбираат“.

Посетата на Емануел Макрон е дел од бурните европски дипломатски активности оваа недела во Вашингтон. Британскиот премиер Стармер се очекува да има средба со Трамп в четврток, додека високата претставничка на Европската Унија Каја Калас ќе одржи низа состаноци со претставници на американската администрација.

Стармер вчера рече дека Британија ќе ги зголеми годишните трошоци за одбрана на 2,5 отсто од БДП до 2027 година, со цел да го достигне нивото од 3 отсто последен пат забележано веднаш по Студената војна. Оваа порака, според Ројтерс, е сигнал до Трамп дека Обединетото Кралство може да придонесе за зајакнување на безбедноста на Европа.

Со оглед на тоа што јавната потрошувачка во Британија е веќе затегната, Стармер рече дека зголемувањето на трошоците за одбрана од сегашните 2,3% ќе биде целосно финансирано со намалување на меѓународната помош за 40%. Тој нагласи дека не го радува оваа одлука, но дека таа е неопходна за да им се даде поддршка на Украина и Европа во „новата ера“.

Стармер оди во Вашингтон со цел да го убеди Трамп дека Европа ќе даде поддршка и безбедносни гаранции за Киев доколку мировните преговори со Русија бидат успешни.

Британскиот лидер изјави дека е отворен за британските трупи, заедно со другите европски нации, да ѝ дадат безбедносни гаранции на Украина.

Стармер, исто така, сака некаква американска „поддршка“ за која било европска безбедносна гаранција, нагласувајќи дека тоа ќе биде клучно за одвраќање на Русија да започне нова инвазија во следните неколку години.

„САД се нашиот најважен билатерален сојузник“, рече тој. „Затоа оваа недела, кога ќе се сретнам со претседателот Трамп, јасно ќе кажам дека сакам оваа врска да биде сѐ посилна.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ