сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Мојата мала војна (и твоја и наша и негова)

Роден сум на 20 јули 1944 година, среде масовниот глобален конфликт познат како Втора светска војна. Иако заврши со бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки во август 1945 година, пред да научам да кажам „мама“ или „тато“, некако пораснав во војната.

Јас живеам во Њујорк и ни тогаш, ниту потоа не бев блиску до војната. Татко ми, сепак, доброволно се пријави за воздухопловните сили на САД кога имаше 35 години, на 8 декември 1941 година, ден по јапонскиот напад на Перл Харбор. Тој се борел во Бурма, болно молчел за неговите искуства за време на војната и починал на Денот на Перл Харбор во 1983 година. Тој беше оперативен офицер на Првата воздушна група командоси и неговата војна, на необичен начин, дојде дома со него.

Како и многу други ветерани тогаш и сега, тој не сакаше да му кажува на својот син за она што го преживеал, иако сакаше пријателите да му се обраќаат со „мајор“, што беше неговиот чин по напуштањето на војската. Војната обично доаѓаше во нашата куќа во форма на гнев – затоа што мајка ми купуваше во блиската самопослуга, чии сопственици, како што тврдеше, беа „воени профитери“ додека тој беше од другата страна на океанот, или затоа што мојот прв автомобил, што го споделив со еден пријател, беше стар фолксваген (толку германски) или она што мајка ми сакаше да го остави од љубопитност, не дај Боже, во јапонски ресторан.

Необично беше што во истите тие години накратко ми дозволи, никогаш не разговаравме зошто, да се допишувам извесно време со јапонски врсник. Иако не разговарав со татко ми за писмата што ги разменив со тоа момче, заедно ги вадевме печатите од пликовите и ги лепевме во нашиот филателистички албум.

Дознав за воените искуства на татко ми од два извора. Во нашиот стан чуваше стара зелена торба во плакарот од гостинската соба и повремено ја претураше. Беше полна со документи на воздухопловните сили, имаше прибор за јадење, а тука беше и, тоа не го знаев во тоа време, неговиот пиштол и куршумите од војната (четврт век подоцна, по неговата смрт, ги предадов на полицијата).

Иако тој не зборуваше за своето воено искуство, јас живеев во него на многу специфичен начин (или така ми се чинеше во тоа време). Редовно ме носеше во кино, каде што гледавме безброј верзии на војна во американски стил, од конфликтот со Индијанците до Втората светска војна. Кога гледаше филмови за војната во која беше (или во моето детство, ТВ репризи на Победа на море), молчеше. Тоа само го потврди моето верување дека неговото искуство е славно затоа што маринците секогаш преживуваа до крајот на филмот, а Јапонците масовно умираа. Тој никогаш не го коментираше тоа.

Почнувајќи од војните со Индијанците, како што напишав многу одамна во книгата „Крајот на културата на победата“ (The End of Victory Culture), војната секогаш беше приказна за нивното дивјаштво и нашата добрина, а на крајот, како што се очекуваше, ќе дојде до „спектакуларен колеж“; ние напредувавме, а „тие“ паѓаа како класје. Од позиција на камерата произлезе задоволството од гледањето на убиството на стотици илјади небелци во сцена која вообичаено би претходела на позитивно разрешување на односите меѓу белците. Тоа беше начин да се скроти дивата природа на човечките ужаси и да се претворат во славеничка приказна за напредок постигнат преку уништување. Подоцна, не беше толку лесно да се замисли победничка култура, бидејќи Втората светска војна заврши со атомско уништување на два јапонски града; дополнително, во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, постоеше свесност дека иден глобален Армагедон е сè поверојатен.

Ако војната беше пекол, во моето филмско детство, да ги убивам – Индијанците од американскиот Запад или Јапонците во Втората светска војна – не беше.

Така, пораснав и созреав во култура на победување, која ја поттикнав играјќи на подот во мојата соба. Во 1950-тите, момчињата (и некои девојчиња) поминуваа часови уживајќи во приказните за американскиот триумф во битка користејќи генерички фигури на воини: група каубојци кои ќе ги поразат Индијанците и ќе го освојат Западот и вреќи со маслинесто зелени маринци кои ќе ги претрупаат плажите Ајво Џим.

Тоа беше крвава приказна за војување против дивјаците, во која задоволството доаѓаше од цевката на пиштолот. Низ целата земја, момчињата на подот беа оставени, без никакво водство, повторно да ја измислуваат американската историја. Кој бил добар, а кој лош, кој би можел да биде убиен и под кои услови – ова беше прифатен дел од колективната култура на детството, која црпеше сила од повоениот Холивуд.

Што би помислил татко ми?

Денес, повеќе од 60 години подоцна, откако долго време пишував за војната, иако никогаш не бев во неа, еве што ми изгледа чудно и страшно: од 1945 година, земјата со најголема армија на планетата, чиј буџет за војската е поголем од збирот на следните 9 земји на списокот, никогаш – повторувам, никогаш не победи во ниту една голема војна (иако учествувала во премногу масакри). Уште понеобично, од перспектива на научената лекција во светот на културата на возрасните, секоја изгубена војна на крајот ја тера оваа земја да инвестира уште повеќе пари од даночните обврзници во зајакнувањето на истата војска. Да баравме формула за катастрофата што може да ја донесе оваа земја, тешко дека можевме да замислиме подобра

Признавам дека и денес, долго по смртта на татко ми, понекогаш се прашувам што би мислел за сето ова. Еве во што е работата: американското воено искуство по 1945 година требаше да даде очигледна лекција, и за нас и за другите големи сили на планетата, за вредноста на џиновската армија и војните што ја следат.

Да размислиме за момент од историски агол. По глобалната победа во војната која заврши во 1945 година, чиј крај беше застрашувачки означен со две атомски бомби во кои загинаа околу 200.000 луѓе, Корејската војна следеше веќе во 1950 година. Статистиката за смрт и уништување во тој конфликт беше, во најмала рака, шокантна. Во спектакуларниот масакр, од една страна, учествуваа армиите на Северна Кореја и нејзиниот сојузник Кина, која пред малку стана комунистичка, а на другата, Јужна Кореја и нејзиниот сојузник САД. Да ги погледнеме бројките: населението на Кореја од 30 милиони е десеткувано; загинаа околу 3 милиони Корејци, како и околу 180.000 Кинези и 36.000 Американци. Жестоко бомбардираните северни градови останаа во урнатини, а уништувањето на полуостровот беше речиси незамисливо. Тоа беше буквално сцена на уништување, а сепак, иако бевме најдобро вооружениот учесник во конфликтот, со најголем воен буџет на планетата, војната заврши со повлекување, прекин на огнот во 1953 година кој никогаш, до денес, не се претвори во мировен договор.

Оттогаш, поминаа нешто повеќе од 10 години до најголемата катастрофа во оваа земја во 20 век, Виетнамската војна – првата американска војна на која се спротивставив. И во неа, американските воздухопловни сили и армијата како целина беа незамисливо разорни; најмалку два милиони виетнамски цивили и повеќе од еден милион борци загинаа, а Америка загуби 58.000 луѓе.

Во 1975 година, штом американските трупи се повлекоа, јужниот режим што го поддржувавме падна и земјата беше преземена од армијата на Северен Виетнам и нејзините сојузници на југ. Крајно погубен исход за најголемата воена сила на планетата.

Подемот на Пентагон на пропадната планета

Во меѓувреме, другата суперсила од Студената војна, Советскиот Сојуз – ова веројатно му звучи познато на секој Американец во 2023 година – ја испрати својата огромна армија, Црвената армија… да, во Авганистан во 1979 година. Таму, таа се бореше речиси 10 години против силите на авганистанските герилци, кои беа поддржани и во голема мера финансирани од ЦИА и Саудиска Арабија (како и Саудиецот Осама бин Ладен и малата група што тој подоцна ја воведе во војната, наречена – да, дури и тогаш – Ал Каеда). Во 1989 година, Црвената армија се повлече од таа земја, оставајќи зад себе веројатно 2 милиони мртви Авганистанци и 15.000 свои војници. Не долго потоа, Советскиот Сојуз се распадна и Соединетите Држави станаа единствената „голема сила“ на планетата Земја.

Одговорот на Вашингтон беше сѐ освен „мировна дивиденда“. Финансирањето на Пентагон малку се намали во тие години. Американската армија успеа да го окупира малиот карипски остров Гренада во 1983 година, а во 1991 година со голем публицитет, но во релативно мал, едностран конфликт, ги протера војниците на ирачкиот владетел Садам Хусеин од Кувајт. Таа операција подоцна ќе се нарече Прва заливска војна. Таа го најави пеколот на земјата што ќе дојде во овој век.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави, се разбира, станаа единствената воена сила на планетата, со воспоставување на најмалку 750 воени бази на секој континент, освен на Антарктикот. Потоа, во овој век, набргу по терористичките напади од 11 септември, претседателот Џорџ В. Буш и неговите главни соработници, не можејќи да направат споредби меѓу одамна исчезнатиот Советски Сојуз и Соединетите Американски Држави, ја испратија американската војска во – тоа е точно – Авганистан со цел да се собори талибанската влада таму. Следуваше разорна окупација и војна, продолжен спектакл на масакр кој заврши дури по 20 години крвопролевање и огромни трошоци, кога претседателот Бајден ги повлече последните американски војници во услови на хаотично уништување и хаос, заминувајќи – баш така – Талибанците да владеат со опустошената земја.

Во 2003 година, кога администрацијата на Буш го нападна Ирак (под лажен изговор дека Садам Хусеин развива оружје за масовно уништување и некако е поврзан со Осама бин Ладен), почна Втората заливска војна. И тоа, се разбира, ќе биде катастрофа и ќе остави зад себе неколку стотици илјади мртви Ирачани и (како во Авганистан) илјадници мртви Американци. И тој колеж ќе се одолговлекува со години, но и овој пат Америка многу малку ќе научи од тоа.

Да не ја заборавиме „војната против тероризмот“ во поширока смисла, која всушност придонесе за ширење на тероризмот на голем дел од планетата. Ник Терс неодамна покажа како стојат работите со само една статистика: на почетокот на овој век, во годините кога САД започнаа со антитерористички активности во Западна Африка, бројот на терористички инциденти се зголеми за 30.000%.

Одговорот на тоа ви е добро познат. Од година во година буџетот на Пентагон растеше и сега се приближува до износот од трилион долари. Кога сè е кажано и направено, единствениот успех на војската на Соединетите Држави од 1945 година до денес е тоа што стана најпочитуваната и најдобро финансирана институција во оваа земја. За жал, во текот на тие години, американските војни, на навистина чуден начин, се вратија дома (исто како порано во Советскиот Сојуз) благодарение на пролиферацијата на воените пушки, кои сега ги поседува секој 20-ти Американец, и други оружја (како и масовните убиства што го придружуваат). И останува вознемирувачката можност за развој на некоја верзија на нова граѓанска војна и сите нејзини трамповски импликации во оваа земја. Се сомневам дека Доналд Трамп некогаш би станал претседател ако немаше катастрофални американски војни во овој век. Тоа може да се смета како „нуспојава“ на војната против тероризмот.

Можеби никогаш немало почудна приказна за голема сила која навидум е неспоредлива на планетата Земја и се урива на таков начин.

Последни зборови

Денес во Украина гледаме пример на армија убедена во сопствената непобедливост, раскошно финансирана по распадот на Советскиот Сојуз – зборувам, се разбира, за руската армија – која постигнува катастрофален резултат во битка против послабите сили.  Да потсетиме дека Владимир Путин, како и неговите американски колеги, можеше да научи од катастрофалното искуство на Црвената армија во Авганистан во минатиот век. Но, тој не го направи тоа.

Има, се разбира, една поопшта лекција – не само што нема слава во војните во 21 век, туку дека големите сили денес, за разлика од оние во некои претходни епохи, веројатно нема да постигнат успех што и да се случи на бојните полиња.

Да се ​​надеваме дека Кина, голема сила во подем, внимателно забележува, иако редовно организира заканувачки воени вежби околу Тајван, додека администрацијата на Бајден продолжува со застрашувачкото зајакнување на американското воено присуство во регионот. Ако лидерите на Кина навистина сакаат да бидат успешни во овој век, тие мора да ги избегнуваат и американската и руската верзија на војување во неодамнешното минато (и би било убаво ако борците од Студената војна во Вашингтон го направија истото, бидејќи во спротивно би можеле да завршиме во пеколен конфликт меѓу две нуклеарни сили).

Доцна е да го прашам татко ми што навистина му значело неговото војување, но барем кога зборуваме за „големите“ сили и денешната војна, би можеле да кажеме дека една лекција е доволно јасна: во нив нема ништо големо освен моќта да го уништат не само непријателот, туку и самите себе.

Не можам, а да не се запрашам што би помислил татко ми кога би можел сега да го погледне нашиот сѐ повознемирен свет. Дали конечно ќе има нешто да ми каже за војната?

                                                                                                                                 Том Енгелхард

                    (Авторот раководи со Tomdispatch.com,  ко-основач на проектот „Американска империја“)

 

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ