петок, 26 јули 2024

МНР: И за дипломатските и службените пасоши е ист законот како и за „обичните“ патни исправи

И за дипломатските и за службени пасоши е ист законот како и за сите патни исправи во согласност со Договорот од Преспа, одговорија од Министерството за надворешни работи на прашањето од МКД.мк дали имателите на дипломатски пасоши имаат посебен третман на граница и кога тие го содржат старото име – Република Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Нашето прашање до МНР беше во контекстот на вчерашните изјави на двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа од државата со дипломатски пасоши со старото име на Македонија, откако претходно излез од земјава полицискиот службеник не им дозволи со „обичните“ пасоши кои ги покажале, а кои исто така не го содржеле новото уставно име на Македонија.

„Законската обврска за менување на патните исправи во контекст на имплементација на Договорот од Преспа важи за сите видови патни исправи, вклучувајќи ги и дипломатските и службените пасоши. Министерството за надворешни работи, во февруари 2023 година, ги потсети сите државни институции во Република Северна Македонија дека нивните вработени, како и сите именувани и избрани лица кои имаат право да поседуваат дипломатски или службен пасош треба навремено да ја започнат постапката за нивно менување“, се вели во одговорот на Министерството за надворешни работи за МКД.мк.

Останува прашањето дали полициските службеници на граничните премини имале добиено прецизна инструкција за постапување за сите видови на патни исправи, вклучувајќи ги и дипломатските пасоши.

Вчера, како што објаивме, на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски и Миле Лефков на македонско-бугарската граница, на граничниот премин „Делчево“ не им беше дозволен излезот од Македонија со пасоши на Република Македонија. Пасошите се неважечки, им соопштија граничните службеници.

Но, откако двајцата пратеници ги покажаа дипломатските пасоши со старото уставно име на државата, им беше дозволено да ја поминат границата. Пратениците кажаа дека веројатно службениците немале добиено иснструкција како да постапуваат кон имателите на дипломатски пасоши.

Вчера, техничкиот премиер Талат Џафери на новинарско прашање за овој случај одговори дека користењето на дипломатски пасоши кои не го содржат уставното име на држаата преставува злоупотреба и нагласи дека треба да биде разрешен секој поединец функционер кој ќе направи таква злоупотреба.

На изјавата од Џафери реагира пратеникот Петрушески преку Фејсбук порачувајќи му:

„Ти можеш да ги разрешуваш и именуваш само твоите измеќари од СДС. Ајде бре Таљо, бидејќи јас поминав граница со дипломатски пасош со Република Македонија, баш да сакам да видам како ќе разрешиш пратеник на ВМРО-ДПМНЕ гласан од граѓаните. Ај, баш сакам да се обидеш“!

Синоќа Петре Шилегов, член на Извршниот одбор на СДСМ во телевизиско гостување наведе имиња на десет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ја реализирале таа законска обврска да ги заменат старите дипломатски пасоши со нови, односно со уставното име Република Северна Македонија. Нему целта му беше да каже дека наспроти изјавите од таа партија дека треба да се продолжи рокот за патните исправи со старото име на државата,наведените пратеници побрзале да се стекнат со дипломатски пасош со кој непречено ќе можат да патуваат во странство.

Интересно е дека Шилегов го кажа и името на Миле Лефков, како пратеник кој извадил нов дипломатски пасош.

„Тој пратеник што се сликаше на граничниот премин во јануари има извадено нов дипломатски пасош и ја злоупотребува ситуација за да прикаже како сме блокирани во државата“, рече Шилегов.

П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ