„Во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на министерството; по истите договори подоцна се исплатени финансиски средства без материјално покритие за истите.
Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во дипломатски и конзуларни претставништва.
Без претходна соодветна одлука на министерството, ја претставувал сопругата за „аташе за наука“ на Република Северна Македонија, иако таа го немала добиено тоа дипломатско звање; прекршувајќи ги сите правила и надминувајќи ги ингеренциите кои ги има, ги довел во заблуда претставниците на научните и образовни институции во земјата на покривање.
Ги прекршил правилата на добрата дипломатска практика, и без да најави, не присуствувал на испраќањето на претседателот на Владата и неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин.
Во рамките на мандатот амбасадорот беше повикан на консултации во Скопје за да објасни дел од прекршувањата и направените неправилности, но иако ја напуштил земјата на покривање, без дозвола ја напуштил и земјава и подоцна пријавил дека отишол на одмор, за што е потребна посебна дозвола.
Сите овие дејства, поткрепени со материјални докази и прецизни констатации, се дел од извештајот изготвен од комисијата во рамките на Министерството за надворешни работи кој подоцна е усвоен од Владата.
Констатирајќи ги сите овие неправилност кои се дел од извештајот на комисијата, Владата донесе одлука за повлекување на амбасадорот. По веќе донесената одлука на Владата, амбасадорот поднесе барање за предвремено повлекување“, се вели во реакцијата на МНР.