Реал и Атлетико приредија спектал во Саудиска Арабија во полуфиналето во Суперкупот на Шпанија, љубителите на фудбалот видоа многу пресврти, 120 минути борба и дури 8 погодоци.
Избраниците на Симеоне поведоа во 6. минута, Ермосо по еден корнер донесе 0-1. Но по само половина час игра, „кралевите“ го свртеа резултатот во своја корист и со головите на Ридигер и Менди стигнаа до 2-1.
Во 37. минута следуваше мајсторија на Гризман, Французинот се ослободи од неколку противници и биеше прецизно од врвот на шеснаесетникот за 2-2.
Атлетико се врати во предност во 78. минута, Ридигер лошо се разбра со Кепа и си ја затресе сопствената мрежа за 2-3.
Но Дани Карвахал се погрижи мечот да оди во продолженија, прв стигна до една одбиена топка и погоди за 3-3 во 85. минута.
Во додатните половина час, несреќниот Савиќ го измами својот голман по еден удар со глава на Хоселу за 4-3, а кога Атлетико фрли се на една карта, Диаз во 122. минута стави точка на натпреварот и го потврди билетот на Реал во финале.