сабота, 30 ноември 2024

Младите џезерски надежи на концерт со НЏО

Националниот џез оркестар на 8 октомври (вторник) со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје ќе одржи уникатен концерт заедно со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип. НЏО потпиша меморандум за соработка и со Џез академијата од Штип, каков што претходно на 5 март беше потпишан со Факултетот за музичка уметност од Скопје.

 

Објавено на

часот

Сподели

Динамичен спој на искуството на професионалните музичари од Националниот Џез оркестар и новите музички надежи од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип, ќе понудат оригинален концертен настап на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.

Овој несекојдневен концертен концепт ќе понуди иновантни аранжмани со разнородни џез композиции, во кој младите џез таленти ќе имаат можност да го покажат најдоброто, рамо до рамо со професионалните џез музичари.

„Водејќи се од идејата дека имаме плодна почва за создавање на нова генерација расни џез музичари кои ќе го продолжат континуитетот на врвна професионалност на Националниот џез оркестар, сакаме да им дадеме можност на младите колеги конечно да застанат на голема сцена заедно со нас“, велат од НЏО.

„Ова е ретка можност и скапоцено искуство за нас младите џез музичари. Ќе го дадеме најдоброто од себе“, велат младите музичари кои со денови се подготвуваат за концертот во МНТ.

По потпишувањето на Меморандум за соработка на НЏО  со Факултетот за музичка уметност од Скопје, со деканката м-р Дарија Андоновска на 5 март годинава,  на 2 октомври и деканот на Музичката академија на универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, проф. м-р Златка Митева, потпиша Меморандум за соработка со директорот на НУ Национален оркестар за џез музика, м-р Гоце Стевковски.

Оваа соработка ќе придонесе за размена на искуства, човечки, уметнички и просторни капацитети, и ќе даде голем придонес за развојот на џез сцената.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ