По ремито против Италија во Скопје, Македонија одигра нерешено и против Англија на Арената „Тодор Проески“.
Бодот сепак не направи многу разлика, „црвено-жолтите“ завршија на четвртото место на табелата, но и покрај тоа, селекторот Боби Милевски немаше замерки за своите избраници.
„Прво да кажам дека не би ги коментирал судиските одлуки. Има ВАР, што ќе одлучат судиите, на нас е да го почитуваме. Овие две и кусур години не само што напредуваме, туку тоа го сторивме заедно со подмладувањето на репрезентацијата. Дојдовме до некој зенит со баражите во плејофот, па извлековме група која не можеше да биде потешка, но тоа што го покажаа момците не можам, а да не бидам задоволен. Македонија мора да биде горда на овие млади момците зашто покажаа како се бори за македонскиот дрес. Да се спротивставиш на репрезентации како Англија, Италија и Украина на ваков начин… И денеска имавме моменти како и со Италија при прекините, но ајде ќе им одбијам на младоста. Пред нас е тешка и сериозна работа за да дојдеме до ниво да бидеме поконкурентни. Далеку сме од Англија и Италија, но не и од Украина, жал ми е што не ни се награди трудот на момците и не освоивме барем три бода против Украинците. Имаме уште многу работа пред нас“ – порача Боби Милевски.