Мицкоски го коментираше и говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција:
„Можеби некои европски лидери ќе ми се налутат, но за мене тоа беше историски настан. Тоа беше инспиративен говор“, рече тој и измами аплаузи во салата.
Коментирајќи ги изјавите на некои од присутните дека говорот на Џеј Ди Венс бил мешање во внатрешните работи на суверени земји, Мицкоски рече дека на панел дискусија во Минхен потсетил на фактот дека од почетокот на независноста, заради остварување на стратешките цели да биде полноправна членка на НАТО и на ЕУ, Македонија ги смени своето знаме, својата валута, своето име и својот Устав, поради тоа што некои наши соседи го злоупотребиле своето членство во овие организации за да наметнат билатерални барања.
„Ако ова не е мешање во внатрешни работи на една суверена земја, тогаш што е? За што зборуваме ние“, праша Мицкоски.
Тој рече дека ние повторно сме под притисок да го смениме Уставот.
Модераторката го потенцираше фактот дека за разлика од повеќето големи европски земји кои имаат големи барања од НАТО, но не ги подмируваат своите сметки, Македонија, иако мала земја, дава еден од најголемите придонеси во НАТО пер капита и за тоа му се заблагодари на Мицкоски.
„Нашиот придонес е над 2 проценти. Ние сме целосно усогласени и ја поддржуваме политиката на претседателот Трамп“, рече Мицкоски.
Во врска со плановите на Трамп, САД да станат доминантен снабдувач на енергија во Европа, Мицкоски нагласи дека во Македонија веќе се гради интерконекторот кон Грција и дека ќе почнеме да го градиме интерконекторот кон Србија. Користејќи го терминалот во Александрополис, американскиот гас преку овој гасовод што ќе поминува низ Македонија ќе биде суперконкурентен во однос на рускиот гас.
„Затоа ние сме важни за тоа и затоа сме стратешки партнери“, нагласи Мицкоски.