четврток, 30 јануари 2025

Мицкоски: Владата има одговорност и за сајбер-безбедноста, и на тој начин го штитиме суверенитетот на Македонија

Денеска, премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром во објектот на Воената Академија „Михајло Апостолски“, каде беше симулиран сајбер-хибриден напад и свечено беа предадени минимум сајбер-безбедносни стандарди за владините институции на кои се работеше во соработка со амбасадата на Обединетото Кралство.

Објавено на

часот

Сподели

На работилницата, освен Мицкоски, се обратија и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Настанот беше организиран од Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и проектот „Регионална-сајбер безбедност во Западен Балкан“.

Поддржана од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје, симулациската вежба послужи како чекор во имплементацијата на приспособени решенија, механизми и стандарди за сајбер-безбедност за државните институции. Напорите се дел од пошироката регионална иницијатива за подобрување на отпорноста и безбедноста на Западен Балкан. За време на настанот, учесниците се вклучија во дискусии и практични вежби наменети да го подобрат сфаќањето за хибридните и сајбер-заканите. Симулацијата, ја тестираше подготвеноста на институциите за управување со сајбер-инциденти. Настанот означува еден од клучните чекори во напорите на земјата да ги зајакне своите капацитети за сајбер – одбрана и ја поставува основата за посигурна и поотпорна дигитална иднина.

„Предизвик е да се ангажираат експерти од ИТ-секторот во државните институции, со оглед на разликата во висината на платите во однос на приватниот сектор, но Владата ќе преземе чекори за надминување на проблемот“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски по завршувањето на симулациската вежба базирана на сценарио за сајбер-напад.

„Апсолутно тоа претставува навистина голем предизвик за владините институции, но и генерално за институциите, затоа што како државни службеници има начин како да се врши исплатата. Но, еве сè уште има такви патриоти коишто сакаат да работат за државата и по цена на тоа да таа плата биде многу пониска од таа којашто ќе ја ќе ја добијат во приватниот сектор“, изјави Мицкоски.

Премиерот се согласува дека недостасуваат ИТ-експерти во институциите, нагласувајќи дека има недостаток на архитекти, градежни, машински, електроинженери, економисти и додаде дека Владата со овој предизвик ќе се бори и ќе пронаоѓа начини да ги мотивира.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон рече дека сајбер-заканите растат и се закана за економиите и стабилноста, како и за начинот на живот.

„Обединетото Кралство ја поддржува вашата земја во одговорот на овие закани и заедно работиме на моделирање на соодветен одговор, а ова претставува всушност акција на НАТО -сојузници и заеднички потфат“, рече амбасадорот.

Во својот говор, министерот за дигитална трансформација ја истакна критичната важност на сајбер-безбедноста во денешната дигитална ера, нагласувајќи дека светот постојано се менува.

„Пред 15 години симулациите за воени напади ќе претпоставуваа исклучиво напади преку копно или воздух – авиони, нуклеарни напади, војска или тенкови. Денес, тоа е во сајбер- просторот, но со потенцијални реални и штетни последици. Пред 15 години, електронските системи страдаа од лоша употреба, незнаење или системски недостатоци. Денес се цел на стратешки хибридни воени напади од државни и недржавни ентитети. Оваа симулациска вежба ја тестира нашата подготвеност, но и ја одразува нашата детерминираност да ја зголемиме нашата отпорност и да ги зајакнеме темелите на националната и регионалната сајбер-безбедност, преку соработка, помош и поддршка“, рече Андоновски.

И за Мицкоски вежбата и искуството од стратешките партенери во справувањето со сајбер- заканите е позитивна поука што треба да се преземе, идните чекори за да се заштитат институциите. Тој нагласи дека е потребен организиран пристап во справувањето со заканите за институциите да не се снаоѓаат поединечно. Претседателот на Влдата најави дека ќе се формира примарен центар на податоци за сите институции, а за Владата приоритет е и дигитализацијата на државата.

„Огромен приоритет и фокус ставаме на сето тоа и се обидуваме нешто што можеби во минатото било погрешно направено да го коригираме. Ние имаме една чудна состојба. Имаме рикавари секундарна заштита, односно центар на податоци или познат како дата-центар којшто практично служи за поврат на изгубените податоци при сајбер-напад, а немаме примарен дата-центар и најголемиот дел од институциите и серверите користат аутсорсинг, така што да бидам по попрецизен секој се штити како знае и умее, а тоа не е организиран пристап. Тука имаме ставено фокус да се создаде еден таков примарен центар на податоци или дата-центар, којшто потоа ќе биде нормално заеднички поврзан со институциите на државата. И да бидеме поефикасени и сето тоа е во рангот на приоритетите како целокупната безбедност во државата. Така што мислам дека во периодот којшто следи имаме и уште еден голем предизвик кој веќе е ставен во приоритетите на Планот за раст, за којшто очекуваме и финансирање и помош од страна на ЕУ. Сето ова е во делот на безбедноста на државата и ние како Влада имам одговорност да ја овозможиме таа безбедност, бидејќи на тој начин го штитиме суверенитетот на Македонија како држава“, изјави Мицкоски.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ