„Самитот беше платформа за размена на мислења и идеи за иднината на Европа. Особено ме радува фактот што Македонија останува дел од овие стратешки разговори и партнерства. Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа“, напиша Мицкоски.
Разговорите и дебатите на самитот, објави тој, биле значајни за насочување на идните политики, а уште поважно, за градење мостови на соработка со европските партнери.
Претходно, Мицкоски на Фејсбук напиша дека е уверен дека ваквите средби се од голема важност за понатамошниот напредок на Македонија на нејзиниот европски пат.
„Ова е уште еден чекор напред кон нашите заеднички цели за стабилност, економски раст и посилно присуство на меѓународната сцена. Денес учествувам на самитот на Европската народна партија во Брисел. Разговараме за продлабочена соработка, за регионални иницијативи и за европските перспективи. Ова е прилика за лобирање за македонските интереси и иднината на државата како дел од европското семејство“, објави претходно премиерот.