четврток, 30 јануари 2025

Мицкоски го смета за злоупотреба на настанот обраќањето на Додик на Светосавската академија во Скопје

Свечената академија не е место за испраќање такви политички пораки, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан како го оценува синоќешниот говор на Милорад Додик, претседател на Република Српска, на настан во Скопје по повод празникот на српската заедница во државава – Свети Сава. 

Објавено на

часот

Сподели

За говорот со анти-ЕУ и анти-НАТО пораки, во кој Додик го негираше и геноцидот во Сребреница, претседателот на Владата рече оти не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.

„Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти ЕУ, анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки. Бидејќи тоа, сепак, беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Претседателот на Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кој учествуваше вчера на Светосавската академија во Скопје, истакна дека Македонија е пример за непринципиелноста на Европската Унија.

„Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека токму таа Европа е таа што најмногу се посрамоти во Македонија, која направи многу отстапки и малку доби од таа Европа. И еден ден ќе треба да застанеме и добро да размислиме дали да продолжиме по овој пат“, рече Додик.

Тој рече и дека Србите денес имаат две држави на Балканот, Република Српска и Србија и дека „српскиот народ не ги извалкал рацете во граѓанската војна во Босна и Херцеговина“.

„Но, во секој случај, сакам да кажам дека Република Српска е она во кое живееме. И ние ја живееме како држава. Ние сме убедени дека Србите денес на Балканот имаат две држави – РС и Србија“, рече Додик на свечената академија по повод празникот Свети Сава, одржана во Македонскиот народен театар.

Тој рече дека некои луѓе не се согласуваат со ова, но тоа нема да им помогне бидејќи тој самиот се согласува со себе дека РС е држава.

Тој додаде дека Србите „отсекогаш биле подготвени да страдаат без да го изгубат лицето“ и дека нивната историја „отсекогаш била на страната на победниците“.

На присуството и изјавите на Додик во Македонија, реагираа и партиите на Бошњаците во Македонија, како Бошњачкиот демократски сојуз и СДА Македонија.

„Изразуваме револт и жалење за серијата на диполоматски скандали и провокации кои го одбележаа празнувањето на Денот на Св.Сава, празник за припадниците на српската заедница во Република Македонија.

На средбата помеѓу вицепремиерот Стоиљковиќ и Додик во просториите на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, покрај државното знаме на Република Македонија беше истакнато и знамето на еден од двата ентитета на БиХ. Истакнувањето на знамето на едниот ентитет, а без државното знаме на Босна и Херцеговина, во просториите на државното министерство, е поддршка за сепаратистичката политика на Додик. И укажуваме на демократската јавност дека пред само неколку недели, на Милорад Додик, членови на неговото семејство и неговите соработници им беа проширени санкциите од САД и В.Британија токму за обидите за нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина. На главната манифестацијата на Св. Сава, одржана под покровителство на Владата на Македонија, Милорад Додик испрати и пораки со кои повторно се негира геноцидот врз Бошњаците, пресуден од Меѓународниот суд во Хаг. Ова го сметаме како континуитет на таквите ставови, затоа што вицепремиерот Стоиљковиќ веќе има серија на слични контроверзни изјави. Но овој пат, укажуваме на настан, која е под покровителство на Владата на Македонија. Изразуваме револт што наместо достоинствена прослава на празникот, организаторите се одлучија за провокации преку пораки со кои се негира геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и со дипломатски скандали со кои се нарушуваат односите помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина“, реагираат од СДА Македонија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ