Победникот на парламентарните избори во Германија, конзервативецот Фридрих Мерц, денеска повика Украина да биде вклучена во мировните преговори за ставање крај на војната на нејзино тло, додека САД директно преговараат со Русија за тоа прашање, без Украина.
„За да се постигне праведен мир, нападнатата земја мора да биде дел од мировните преговори“, рече лидерот на германските конзервативци, кој најверојатно ќе биде следниот канцелар, кој ќе го замени социјалдемократот Олаф Шолц.
Во порака на социјалната мрежа Икс, Мерц ја повика Европа да ја доведе Украина во „позиција на сила“ во овие преговори.
„Сега повеќе од кога било мораме да ја доведеме Украина во позиција на сила“, напиша тој.