Мемеди смета дека кампањата е „ иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини“.
„ Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен Фејсбук-профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното“, рече Мемеди на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека во однос на забелешките од надзорните комисии за трите починати деца изминатиов период, само во едниот случај имало стручни забелешки.
„ За кои јас сум презел мерки и ќе има индивидуална одговорност и веќе има. А во вториот случај за новороденото од Струмица, наодот од стручниот надзор тврди дека нема никакви стручни пропусти. За последниот случај, наредната недела ќе има стручен надзор и ги очекуваме официјалните конкретни наоди“, информираше директорот.
Околу преземените мерки за двајца лекари за смртта на 14-месечното бебе, директорот појасни дека согласно законските задолженија, тој формирал комисија за утврдување одговорност за дисциплински престап врз основа на официјални извештаи од Комисијата за стручен надзор и постапката е во тек.
„ Односно, има законски рок од 60 дена, Комисијата да одлучи за мерките за одговорност за конкретните колешки“, додаде Мемеди.
Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.
„ Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата“, рече Мемеди.