Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити, на завршниот настан на кој присиуствуваа и партнерите на проектот – амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас и амбасадорката на Грција Софија Филипиду, се заблагодари на Европската Унија за поддршката што ја добива земјава во подготвителните активности за пристапување кон Унијата.
„Новата Директива за индустриски емисии преставува главен инструмент за превенција на емисиите од големите индустриски активности. Применува интегрален пристап, што има за цел спречување и намалување на загадувањето на животната средина од сите аспекти како што се воздухот, почвата, водата, употреба на ресурси, енергија, како и генерирање на отпад од самите индустриски активности. Исто така, ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола базирајќи се на построга примена на најдобрите достапни техники“, изјави Меџити.
Новата Директива заменува седум претходно постоечки директиви поврзани со индустриски активности и пропишува обврзувачки услови за работа на инсталациите во построга мера од барањата што важеле во претходното законодавство на ЕУ.
Вредноста на проектот е еден милион евра со траење од 24 месеци, а започна со спроведување на први март 2023. Партнер во реализацијата беше Република Грција преку Центарот за интернационално и европско економско право. Проектот беше составен од три компоненти, во рамките на кои се подготови примарно и секундарно законодавство во согласност со новата Директива, што подразбира изготвување на Закон за контрола на индустриски емисии и подзаконски акти што произлегуваат од него и зајакнување на капацитетите на централната и локалната администрација за правилна имплементација на новите законски одреби преку изработка на прирачници и упатства за практично спроведување на Директивата, преку одржување на обуки, работилници и семинари, како и преку анализирање, процена и изработка на пилот А и Б Дозволи.