петок, 25 октомври 2024

„Украина е Русија“, рече Медведев и претстави мапа

Историските делови од Русија „ќе се вратат дома“, рече заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност стоејќи пред мапа на која Украина е сведена на Киев и околината, а истокот, југот и брегот на Црно Море ги контролира Русија.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Во воинствен говор во јужна Русија Медведев рече дека Москва ќе продолжи со „специјалната воена операција“ сѐ додека другата страна не капитулира, додавајќи дека „историските делови од Русија ќе се вратат дома“.

Медведев го одржа својот говор пред мапа на која Украина е сведена на мала територија стисната до Полска, а Русија во целост ги контролира украинскиот исток, југ и брегот на Црно Море.

На мапата на Медведев, дел од Украина им е „даден“ на Полска, Унгарија и Романија, а најголем дел, сепак, е земен од Русија. Молдавскиот регион Придњестровје е исто така преземен од Русија, иако Молдавија е прикажана како целина со Придњестровје сè уште нејзино.

„Смешната карта на Медведев за поделба на Украина е всушност знак на очај“, напиша на Икс полското Министерство за надворешни работи. „Московија сфаќа дека не може да ја освои Украина и бара соучесници во криминалот. Границите во Европа се свети.“

Медведев ја отфрли можноста за мировни преговори со актуелното украинско раководство предводено од претседателот Володимир Зеленски, и рече дека секоја идна украинска влада, доколку сака да преговара, ќе мора да ја препознае новата реалност на теренот.

„Еден од поранешните украински лидери во одреден момент рече дека Украина не е Русија. Тој концепт мора да исчезне засекогаш. Украина дефинитивно е Русија“, рече Медведев.

Русија ја има иницијативата на бојното поле и контролира нешто помалку од една петтина од украинската територија, за која тврди дека е нејзина, но сценариото на Медведев е многу поинакво од ситуацијата на теренот, вели Еурактив.

Териториите на двата брега на Дњепар се дел од стратегиските и историски граници на Русија, нагласи Медведев. „Затоа сите обиди насилно да се сменат, да се отсечат живи, се осудени на пропаст“, додаде тој. Коментирајќи ги односите Исток-Запад, Медведев, кој ги обвинува американските специјални сили и воени советници дека водат војна против Русија, рече дека односите меѓу Москва и Вашингтон сега се полоши отколку за време на кубанската ракетна криза во 1962 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ