четврток, 13 февруари 2025

Медведев: Невозможно е да нè фрлат на колена

Американскиот претседател Доналд Трамп најави итен почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина по, како што рече, „долгиот и многу продуктивен“ разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Веста за договорот предизвика бурни реакции во меѓународната заедница, а најмногу ги шокираше европските сојузници на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп истакна дека за време на разговорот, кој траел час и половина, тој и Путин разговарале за Украина, Блискиот Исток и соработката во областа на вештачката интелигенција. Клучната точка на разговорите било постигнувањето мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина, кој, според Трамп, веќе однел милиони животи.

Откако разговарал со Путин, Трамп телефонски разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Украинскиот лидер го опиша разговорот како „долг и значаен“, нагласувајќи ја подготвеноста на Украина да соработува.

„Украина сака мир повеќе од кој било. Ние дефинираме заеднички чекори со Америка за да ја запреме руската агресија и да обезбедиме траен, стабилен мир“, рече Зеленски. И покрај тоа што задржа дипломатски тон, јасно стави до знаење дека Украина нема да се откаже од своите клучни цели, вклучувајќи го и враќањето на териториите изгубени од 2014 година.

Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, изјави дека вчерашниот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин бил „исклучително важен“. Тој остро ја критикуваше администрацијата на Џо Бајден за прекин на официјалните контакти, тврдејќи дека тоа го донело светот „на работ на апокалипсата“.

Според руската државна новинска агенција Тас, Медведев тврди дека ниту една американска администрација пред Бајден не ја „блокирала комуникацијата меѓу лидерите“.

„Напротив, светските лидери отсекогаш наоѓале начин за дијалог и токму тоа овозможуваше да се надминат кризите“, рече тој. Тој исто така предупреди дека ако непријателите на Москва не сфатат дека Русија е невозможно да се победи, „нуклеарниот часовник на судниот ден ќе продолжи незапирливо да отчукува кон полноќ“.

Медведев додаде дека разговорот на Путин со Трамп покажува дека сите обиди на Запад да ја порази Русија се осудени на неуспех.

„Не постои и не може да постои главна држава или врховен владетел на планетата. Оваа лекција треба да ја научат арогантните американски елити“, рече тој. „Невозможно е да нè фрлат на колена. Колку побрзо нашите противници го сфатат тоа, толку подобро“, заклучи Медведев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ