сабота, 26 октомври 2024

Меч против Англија за враќање на гордоста

Денеска со почеток од 20:45 на Националната арена во Скопје, Македонија ќе ја пречека Англија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство кое следното лето се игра во Германија.
 

Објавено на

часот

Сподели

Македонија и Англија вечерва ќе ја имаат шестата меѓусебна пресметка. Овојпат без посебно резултатско значење, Англичаните веќе го обезбедија првото место, ние не можеме да се поместиме од четвртото.

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт најави дека отсега па до почетокот на Европското првенство, натпреварите ќе им служат за кроење на тимот и воигрување за мечевите на големиот турнир во Германија.

Ние ќе играме за да покажеме дека дебаклот во Манчестер беше само ужасен ден, а не реална слика на квалитетот на македонската репрезентација.

Ова ќе биде шеста меѓусебна пресметка меѓу Македонија и Англија, досега Англичаните имаат три победи, два натпревари завршиле нерешено, гол разликата е 12:3 во полза на противникот. Третпат го пречекуваме Гордиот Албион во Скопје, претходните два дуели ги загубивме. 

Националната арена во Скопје брзо беше распродадена, се бараше билет повеќе, па поддршката од навивачите ќе биде адут за момците на селекторот Благоја Милевски.

Герет Саутгејт ќе направи неколку промени во составот во однос на мечот со Малта. Англиските медиуми најавуваат дека ударното трио во нападот треба да биде Сака, Грилиш и Кејн. На голот ќе застане Пикфорд, а пред него Мегваер и Гуеи, на бековските позиции Вокер и Луис. Средниот ред би требало да го сочинуваат Рајс, Филипс и Александер Арнолд.

Милевски во стартниот состав би требало да го стави Јани Атанасов кој најмногу се истакна од нашите репрезентативци на Олимпико постигнувајќи два гола. Тој веројатно ќе влезе на местото на Адеми, а остатокот од тимот се очекува да остане ист. На голот Димитриевски, триото во одбраната ќе биде Манев, Муслиу и Серафимов, странично ќе играат Димоски и Алиоски. Покрај Атанасов ќе биде Елези, а пред нив Барди, во офанзивата Елмас и Миовски.

„Натпреварот во Англија беше многу тежок за нас, резултатот во однос на нашите квалитети не е реален, тоа може да се случи на секого. Сега имаме нов натпревар против Англија и шанса да докажеме дека таа слика за нас е погрешна. Се надеваме дека сега ќе се прикажаме во многу подобро издание“, вели Димитриевски.

Дали македонските фудбалери ќе успеат да ја променат сликата која ја создадоа на Олд Трафорд – ќе видиме вечерва, но едно е сигурно, не може полошо од тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ