четврток, 13 февруари 2025

МЦМС: Граѓаните најбезбедно се чувствуваат дома

Половина од граѓаните (50,3 отсто) се подготвени да посегнат по насилство за да ја заштитат безбедноста на нивното семејство, покажува истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за перцепцијата на граѓаните за безбедноста, како личната, така и општо, во државата, по спроведената телефонска анкета на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Вкупно 40,4 отсто од испитаниците не се согласуваат со ниту еден од ставовите, односно самите не би посегнале по насилство за заштита. Иако процентот на оние кои се подготвени да пријават насилство е мнозински (59,6 отсто) сепак, загрижуваат аргументите на остатокот од испитаниците за непријавување: велат дека тоа не е нивна работа, дека не веруваат дека надлежните можат да го решат проблемот, или се плашат од последиците. Кај најмладите испитаници, оние меѓу 18 и 29 години, најниска (46,2 отсто) е подготвеноста да пријават насилство или кршење на законот, а една четвртина од нив рекле дека тоа не е нивна работа“, се наведува во соопштението од МЦМС.

Локално гледано, како  што велат од МЦМС, граѓаните најмногу ги загрижуваат небезбедните патишта и брзото возење (31,0 отато). На второ и трето место се криминалните пресметки (15,6 отсто) и насилството поврзано со злоупотреба на дроги (15,5 отсто). Загриженоста заради небезбедните патишта и брзото возење расте со зголемувањето на возраста на испитаниците од 22,5 отсто кај оние меѓу 18 и 29 години до 38,2 проценти кај граѓаните над 65 години.

Од МЦМС соопштуваат дека истражувањето е составено од два дела, а во вториот дел се обработени прашањата  поврзани со личната безбедност, факторите кои влијаат на неа, каде граѓаните се чувствуваат најбезбедни, зошто…

„Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога е во прашање личната безбедност, половина од граѓаните (52,7 отсто) се чувствуваат безбедно во средината во која живеат и работат. Етничките Македонци (59,4 проценти) и припадниците на другите етнички заедници (53,8 отсто) се побројни меѓу оние кои се чувствуваат безбедно додека тој процент кај етничките Албанци изнесува 33,3 проценти“, велат од МЦМС.

Прашани кој најдобро ќе ги заштити нив и нивните семејства, најголем број од граѓаните (46,2 отсто) имаа доверба само во себе, односно сметаат дека тие самите најдобро ќе ја заштитат својата и безбедноста на нивното семејство. Една петтина рекле дека никому не му веруваат, а нешто помалку, односно 19,0 проценти сметаат дека полицијата ќе ги заштити најдобро.

Според истражувањето граѓаните најбезбедно се чувствуваат дома. Како се зголемува дистанцата, односно опкружувањето, така се намалува чувството на безбедност од 91,2 отсто (за безбедноста во домот), до 85,4 проценти кога во прашање е нивната населба, па се до 60,4 отсто кога станува збор за државата.

„Кога се во прашање факторите кои влијаат на чувството за безбедност, резултатите од истражувањето покажуваат дека околу една третина од граѓаните се чувствуваат безбедно затоа што живеат нормално и го почитуваат законот и редот. Околу една петтина како фактор за чувството за безбедност го препознаваат нивното добро опкружување, а за околу една десетина важно е тоа што се способни да се заштитат себе си. Причината за чувството за небезбедност за околу 20 отсто од испитаниците е уличниот криминал и насилство, а околу 15 проценти одговориле дека такво чувство им прави лошата економска состојба и сиромаштија“, се наведува во соопштението од МЦМС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ