сабота, 19 октомври 2024

Маск ги загрижи светските лидери, повеќе пати ѝ го ограничи пристапот на Украина до Старлинк

Објавено на

часот

Сподели

Најбогатиот човек на светот го отфрли барањето на украинската војска да го вклучи Старлинк во близина на Крим, полуостров анектиран од Русија, објави Њујорк Тајмс, повикувајќи се на луѓе запознаени со ситуацијата.

Извршниот директор на Тесла ја стави мрежата Старлинк достапна за Украина на крајот на февруари 2022 година, само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин започна инвазија на таа земја и со сајбер напад ја уништи украинската интернет мрежа, наведе Индипендент.

Системот Старлинк, од компанијата на Маск, Спејсекс, се состои од повеќе од 4.000 сателити во ниската земјина орбита, кои обезбедуваат сигурни брзи интернет конекции.

Според извештајот на Њујорк тајмс, самостојното одлучување на Маск за интернет технологијата, која е суштински дел од украинската комуникација за време на војната, предизвика загриженост кај светските претставници.

Спејсекс во февруари оваа година објави дека презела чекори за да ја спречи украинската војска да го користи сателитскиот интернет сервис Старлинк за контрола на беспилотни летала во регионот.

Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак тогаш рече, реагирајќи на најавата на компанијата на Маск, дека Спејсекс треба да избере страна во војната против Русија.

Украинските власти одржаа разговори со други провајдери на сателитски интернет поради загриженоста за преголемата зависност од технологијата од еден единствен извор. Но, самите признаа дека никој не може да му конкурира на дометот на Старлинк.

„Старлинк сега е навистина крвта на целата наша комуникациска инфраструктура“, изјави за НИТ Михаил Федоров, министер за дигитална технологија на Украина.

Таа технологија, рече тој, им овозможи на артилериските тимови, командантите и пилотите истовремено да гледаат снимки од беспилотни летала додека разговараат на мрежата. Според војниците, времето на одговор од пронаоѓање цел до гаѓање е намалено на околу една минута од скоро 20 минути.

„Огромниот број животи за кои Старлинк придонесе да се спасат може да се измери со илјадници“, додаде Федоров. „Тоа е една од основните компоненти на нашиот успех“.

Маск, исто така, побара од САД минатата година да ги финансираат интернет услугите на Старлинк за Украина, бидејќи Киев повеќе не можеше да го продолжи аранжманот. Компанијата ги процени трошоците на речиси 400 милиони долари во текот на 12 месеци, според писмото од Спејсекс чии детали ги пренесе Си-ен-ен.

Околу 1.300 Старлинк терминали купени од британски добавувач престанаа да работат минатата година, откако украинската влада не беше во можност да плати месечна претплата од 2.500 долари за секој, се вели во извештајот.

Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Лојд Остин во јуни одобри договор на Пентагон за купување на 400 до 500 нови Старлинк терминали, што ќе му овозможи на Пентагон контрола врз околината во која функционира интернет сигналот во Украина за новите уреди да извршуваат „критични способности и специфични мисии“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ