среда, 16 октомври 2024

Малолетници во Сараево упатувале закани за бомби до училишта, тројца уапсени

Сараевската полиција денеска го потврди апсењето на двајца малолетници кои упатувале закани за бомби во училиштата, а за ова претходно е приведен уште еден малолетник, но заканите за бомби продолжуваат да пристигнуваат што ја отежнува наставата, а родителите на учениците бараат поодлучни мерки за заштита.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти во средата Министерството за внатрешни работи на Сараевската жупанија, малолетници се осомничени дека вчера, но и претходно лажно пријавиле постоење на експлозивни направи во средните училишта и други објекти во Кантонот Сараево.

„Мешовит тим составен од полициски службеници од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи, експерти за сајбер безбедност од Федералната полициска управа, кои дејствуваат под надзор на жупаниското обвинителство продолжуваат интензивно да работат на овие случаи“, соопшти полицијата, додавајќи дека во идентификувањето на лицата кои испраќаат закани им помага и Разузнавачко-безбедносната агенција на Босна и Херцеговина (ОСА).

На почетокот на неделата беше идентификуван и уапсен уште еден малолетник за кој со истрага е утврдено дека е автор на десетици закани испратени до училиштата. Утврдено е дека тој дури 40 пати упатил закани.

Детали за идентитетот не се објавени поради законските одредби кои ги штитат малолетниците во вакви случаи, а од обвинителството најавија дека по 24-часовниот притвор ќе одлучат за натамошниот тек на постапката.

Училишниот систем во Сараево веќе две недели е во колапс поради секојдневните закани со бомби, па наставата мора да се прекинува секој ден во некои од училиштата, а против-диверзантските полициски екипи потоа поминуваат часови во прегледување на училишните објекти.

Досега во ниту еден случај не се пронајдени експлозивни направи, но училиштата се обврзани да ги почитуваат пропишаните протоколи кои ги обврзуваат да ги евакуираат училишните простории по добиените закани. Претходно беше потврдено дека сите досегашни закани пристигнале по електронска пошта.

Родителите се вознемирени и бараат ефикасна заштита за своите деца, особено оние во основните училишта кои не можат само да ја напуштат наставата и да излезат на улица. Владата на Сараевската жупанија нареди Министерството за внатрешни работи максимално да биде ангажирано во вакви случаи.

За лажна дојава за поставена бомба, предвидената казна е до три години затвор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ