петок, 18 октомври 2024

Малку земји би преживеале ваков земјотрес без опустошување: како Јапонците го научиле тоа?

Поминаа речиси 13 години од разорниот земјотрес и цунамито што го предизвикаа топењето на нуклеарната централа Фукушима, но сеќавањата во Јапонија сè уште се свежи. Вчера сето тоа се врати во фокусот кога почнаа потресите во Ишикава и се огласија алармите за цунами.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ваквите предупредувања не се невообичаени во Јапонија. Откако првпат се преселив во Јапонија, ќе скокнев од креветот и при најмалиот потрес во нашата зграда. Но за неколку месеци почнав да ги преспивам поблагите потреси. А во Јапонија земјотресите брзо стануваат дел од животот. Донекаде се навикнуваш на нив, пишува за Би-би-си дописникот од Токио, Руперт Вингфилд-Хејс.

Секогаш постои тоа досадно чувство во заднината на мозокот. Кога ќе се случи следниот голем земјотрес? Дали нашата зграда е доволно добра? За оваа генерација, сите овие стравови станаа реалност на 11 март 2011 година. Две минути земјата се тресеше како никогаш дотогаш. Секој што го преживеал тоа може да каже точно каде бил и колку бил преплашен. Но најлошото допрва доаѓаше.

Во рок од 40 минути, првото цунами стигна на копно, удирајќи ги крајбрежните ѕидови и пустошејќи градови и села стотици километри долж североисточниот брег на Јапонија, а сето тоа директно беше емитувано од телевизиски хеликоптер што леташе над градот Сендаи.

Големиот земјотрес во Источна Јапонија во 2011 година разурна големи делови од земјата. Фото: ЕПА

Следниот ден донесе уште пострашна вест – криза во нуклеарната централа. Започна топењето на јадрото на реакторот Фукушима. На стотици илјади луѓе им беше наредено да ги напуштат своите домови. Дури ни Токио не изгледаше безбедно.

Настаните од тој ден оставија длабока колективна траума. Во месеците што следуваа, барав ново место за живеење во Токио. Мојата сопруга ги проучуваше геолошките карти за да види каде тлото е најцврсто, на високо место далеку од реките. Таа беше опседната со староста на зградите.

Таа беше јасна: „Ништо што е изградено пред 1981 година не доаѓа предвид“.

Кога се вселивме во нашата зграда од 1985 година, почнавме да собираме залихи од храна и вода. Под мијалникот во бањата имавме напикано кутии со храна со рок на траење од пет години.

Стравот и ужасот од 2011 година оживеаја во понеделникот. Бројот на мртвите се приближува до 50 и најверојатно уште ќе се зголеми. Патиштата се напукнати, а мостовите уништени. Стотици згради се урнаа, заробувајќи луѓе под себе. Земјотресот предизвика и големи лизгања на земјиштето.

Но огромното мнозинство згради сè уште стојат. Во големите градови Тојама и Каназава, животот утрово изгледаше како да се враќа во некаква нормала.

Зборував со еден пријател во блискиот град Кашивазаки. „Беше навистина застрашувачко“, рече тој. „Убедливо најголемиот што сум го доживеал овде. И моравме да се евакуираме од брегот. Но сега се вративме дома“.

И покрај огромната штета, сепак вчерашниов земјотрес е и извонредна приказна за успехот на Јапонија во справувањето со ваквите катастрофи.

Фото: ЕПА

Јапонија не известува за земјотресите по јачината, туку по тоа колку се тресе тлото. Скалата оди од 1 до 7. А во понеделникот во Ишикава тресењето достигна максимални 7.

Јапонскиот инженерски триумф станува јасен кога ќе ги споредите последиците од овој земјотрес со силниот земјотрес што го погоди Токио во 1923 година. Големиот Канто-земјотрес, како што е познат, срамни со земја огромни делови од градот. Модерните згради од тули изградени по европски модел се распаднаа.

Последиците доведоа до создавање на првиот јапонски градежен код за отпорност кон земјотрес. Оттогаш, новите згради мораа да се зајакнуваат со челик и бетон. Дрвените згради добиваа подебели греди.

Секој пат кога земјата ќе ја погодеше голем земјотрес, штетата се проучуваше и прописите се обновуваа. Најголемиот скок се случи во 1981 година, по што сите нови згради мораа да имаат мерки за сеизмичка изолација. Повторно, по земјотресот во Коби во 1995 година, беа научени неколку нови лекции.

Успехот е во тоа дека кога силниот земјотрес со јачина од 9 степени ја погоди земјата во 2011 година, нивото на тресење во Токио достигна 5. Исто како и во земјотресот што ја погоди јапонската престолнина во 1923 година.

Во 1923 година градот беше срамнет со земја – загинаа 140.000 луѓе. Во 2011 година, огромните облакодери се занишаа, прозорците се искршија, но ниту една голема зграда не се урна. Илјадниците луѓе загинаа од цунамито, а не од тресењето на земјата.

Tешко е да се замисли која било друга земја што би поминала низ ваков земјотрес без пострашни разурнувања, заклучува Руперт Вингфилд-Хејс за Би-би-си.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ