„Германија и Франција како тандем одат напред, Европа ги следи“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот на министерскиот совет на двете влади во вторникот вечерта во замокот Мезеберг во близина на Берлин.
И германскиот канцелар Олаф Шолц и Макрон истакнаа пред новинарите дека Германија и Франција „секогаш се согласуваат на крајот“ алудирајќи на веста за влошување на односите меѓу двете земји во последно време.
„Често тргнуваме од различни позиции, но на крајот се среќаваме“, рече Шолц.
Двајцата државници изразија мислење дека во следниот мандат на Европската комисија, Европската Унија мора да инвестира повеќе во клучните сектори на иднината како што се вештачката интелигенција, климатската технологија и квантната технологија.
„На Европската Унија и е потребен инвестициски шок“, рече Макрон. Франција и Германија ќе иницираат постојана финансиска помош за Украина на претстојниот состанок на групата Г7 во Италија и дозвола за Украина да користи западно оружје за цели во Русија.
Исто така, беше објавено дека Франција и Германија сакаат да работат на развој на заедничка ракета со долг дострел. Двајцата државници упатија апел до Израел да ги почитува барањата на Меѓународниот суд и да ја прекине офанзивата во Рафа.
Тридневната државна посета на Емануел Макрон, прва од ваков вид по децении, заврши со средба меѓу министрите на двете влади.
Германските медиуми ја опишуваат посетата на Макрон како „успешна демонстрација на хармонија меѓу Германија и Франција“, откако во последните месеци во јавноста зачестија приказните за личното несогласување меѓу Макрон и Шолц.