понеделник, 21 октомври 2024

Македонските граѓани најмногу се „заглавени“ во потрошувачки и станбени кредити

Годишниот раст на вкупните депозити во септември изнесува 8,8%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, на годишна основа се зголемени за 7,5% под влијание на растот на кредитирањето на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот домаќинства, соопшти Народна банка.

Објавено на

часот

Сподели

Паричната маса во септември 2024 година забележа месечен пад од 1,2%, во поголем дел како резултат на намалените краткорочни депозити и депозитни пари, при помал придонес во падот и на готовите пари во оптек, а во услови на раст на долгорочните депозити до две години. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 6,7% поради растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити бележат намалување.

Вкупните депозити, во септември се намалени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата остварија раст. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 8,8%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Вкупните кредити, во септември бележат месечен раст од 0,4%, којшто во целост се должи на зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 7,5% под влијание на растот на кредитирањето на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Во септември, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа месечен пад од 0,5%. Надолната промена пред сè е резултат на пониските краткорочни депозити во странска валута и во денари, во услови на раст на депозитните пари и долгорочните депозити. На годишна основа е забележан раст од 4,7%, во поголем дел поради зголемените депозитни пари, при раст и на долгорочните депозити во странска валута и во денари и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.

Кредитите на корпоративниот сектор, во септември остварија минимално месечно намалување од 0,1% што во целост e резултат на падот на кредитирањето во странска валута, при раст на кредитите во денари. Споредено на годишна основа,
кредитите на корпоративниот сектор бележат раст од 7,5%, којшто произлегува од зголеменото кредитирање во денари, при пад на кредитите во странска валута.

Во септември, вкупните депозити на домаќинствата се зголемени за 0,1% на месечна основа, целосно под влијание на растот на долгорочните депозити во денари и странска валута, во услови кога депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута и во денари бележат пад. Годишниот раст изнесува 11,2% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и странска валута, при пад на краткорочните депозити.

Кредитите на домаќинствата, во септември, се повисоки за 0,8% и 7,7% на месечна и годишна основа, соодветно. Растот по двете основи е резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во септември, кај најзастапените категории ̶ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 0,6% и 1,0%, соодветно, при годишно зголемување од 6,7% и 11,0%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се намалени за 0,6% на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 13,5%. Кредитите одобрени на кредитни картички, во септември забележаа месечен и годишен пад од 0,8% и 9,0%, соодветно. Во септември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи остварија месечно зголемување од 4,6% и 0,7%, соодветно, додека на годишна основа забележаа намалување од 1,9% и 17,5%, соодветно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ