Тој на својот фејсбук-профил сподели линк од неговата средба со Барбара Дитрих, сопственичка на списанието „Дипломатски свет” во Брисел. Во таа порака Дитрих вели дека со амбасадорот разговарале за македонската интеграција во ЕУ, за македонското претседателство со ОБСЕ и за „северномакедонските“ вина. Оваа порака амбасадорот ја споделува на својот профил.
За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски спорно е што амбасадорот Белевски преку овој пост ја промовира придавката „северномакедонски вина”, што е спротивно на толкувањето на МНР.
„Инаку амбасадорот Белевски од медиумите беше посочен како човекот од раководството на МНР кој вршел притисок врз работата на македонските членови кои се дел од заедничката историска комисија со Бугарија. Заради ваквиот политички притисок членот на таа комисија, историчарот Ванчо Ѓорѓиев, во октомври 2021 година поднесе оставка. Кратко потоа, веројатно како награда за ваквиот „екстра” труд на Методија Белевски, истиот од Владата беше предложен за амбасадор во Белгија. На функцијата амбасадор во Брисел претседателот Пендаровски го испрати по брза постапка, без транспарентност, односно без амбасадорот Белевски да ги претстави своите дипломатски тези пред пратениците во Собранието, како што е уредено со закон“, реагира Милошоски, кој е и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.