Македонските туроператори Фибула, Бадемтур, Експириенс Балкан, ДМЦ Балкан, Маседониа Експириенс, Виш-ко и хотелијерите Ресорт Маврово, Хотел Тино Охрид, ТАВ Македонија, АБЦ рент а кар со конкурентна понуда и услуги ги промовираат можностите кои ги нуди Македонија на туристите од Германија. Германскиот туристички пазар станува приоритетен, поткрепено со фактот дека туристите од Германија се во првите пет по престој во земјава, со остварени 35.000 туристички посети за 2023 година.
Директорката на Агенцијата за туризам Јасмина Лескаровска потпиша Меморандум за соработка со цел да ја обновиме комуникацијата со германската организација „ASR”- Алијанса на независни туристички трговци која ги застапува интересите на самовработените средни бизниси во германската туристичка економија, со главниот фокус на основање на меѓународни партнерства. Потпишан е Меморандум на соработка со германската организација „FAR”- водечка мрежа на германски тур-оператори посветени на одржливост на дестинациите. Соработката е во насока на организирање на информативно патување во Македонија за сите заинтересирани туроператори од Германија кои ќе ја вклучат нашата дестинација во туристичките понуди за германските туристи.