Оваа трка е дел од светското првенство во трка со високо-туражни моторни чамци, за кои основано се проценува дека имаат негативно влијание врз животната средина, живиот свет и еко-системот, настани што вообичаено се одржуваат на отворени водени површини како мориња и океани, а не на затворени водни површини како што е Охридското Езеро.
Проценките спроведени од страна на самиот организатор и стручни лица од областа на заштита на животната средина, покажуваат дека на настанот ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми јаглероден диоксид (CO2), во воздухот и во самото езеро.
Според овие организации кои бараат овој настан да се спречи, за време на самата трка во водата и во воздухот за само неколку дена ќе бидат ослободени штетни гасови еквивалентни на оние што ги испуштаат моторните возила како на брегот, така и во водата во текот на цела календарска година.
„Исто така ќе бидат потребни 4.300 метри квадратни паркинг-простор за да се сместат 43-те тимови или 129-172 камиони ангажирани за логистика на настанот. Самата стартна платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона, просторот каде се мрестат и живеат рибите од езерото“, предупредуваат иницијаторите на акцијата за спречување организација на овие еколошко-неприфатливи настани на езерото.
За утре во Охрид е закажана конференција за медиуми на претставници на Националната установа Хидробиолошки завод – Охрид и на граѓански здруженија и асоцијации од Македонија и од Албанија.