петок, 25 април 2025

Здрава котлина поднесе кривична пријава против градоначалникот на Ново Село

Еколошкото здружение Здрава котлина од Струмица информираше дека поднело кривична пријава против градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, заради сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес, соопшти здружението.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Здрава котлина, пријавата била составена на 125 страници и е поткрепена со обемна документација и технички докази, се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници.

„Оваа постапка е ветена од здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување на јавни услуги. Ниту еден избран функционер не е над законот и ова треба да биде пример за сите“, напишаа од Здрава котлина.

Тие додаваат дека во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации.

Од здружението бараат вонредна и целосна државна ревизија на работењето на Општина Ново Село со посебен акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет, поддршка за граѓаните кои се подложени на притисоци и нарушување на нивните права од страна на градоначалникот како носител на јавна функција и неговиот татко како соучесник во извршените нелегални дејства, расветлување на злоупотребите што ги трпат сите кои не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување.

Според Здрава котлина, главни аргументи и факти се издавање дозвола за леарница за алуминиум, лажно класифицирана како лесна индустрија (Г2), иако реално претставува тешка загадувачка индустрија (Г1.3), со што е загрозена изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на селото Смоларе.

Тие во пријавата наведуваат и фалсификување документи, компјутерски измени и прикривање информации од јавен интерес. Репресија врз вработени, советници и активисти преку мобинг, преместувања, тужби и инспекциски контроли. Ангажирање фирма чиј сопственик е неговиот татко и сомнителни авансни позајмици во повеќе трансакции над 500.000 евра пред издавање на фалсификуваната градежна дозвола што укажува на судир на интереси и можно перење пари. Оневозможување јавен увид и јавни документи, укинување на преноси од седници, прекршување на транспарентноста и правото на учество на јавноста во процесот на носење одлуки поврзано со јавниот интерес за забрана на Г1 тешка загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје.

-Овие дејства претставуваат тежок облик на злоупотреба на службената положба, со реални последици по здравјето, безбедноста и правата на граѓаните, истакнуваат од здружението.

Пријавата била поднесена до Републичкото, основни и виши јавни обвинителства (Скопје, Струмица, Штип), Сектор за економски криминал и корупција при МВР, Управа за финансиска полиција и финансиско разузнавање, Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државен завод за ревизија (ДЗР). Од здружението наведуваат дека пријавата опфаќа сериозни индиции за 11 кривични дела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ