Неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото, движење со намалена брзина, која во потполност е прилагодена кон условите на патот, предупредуваат од РСБСП.
„Одговорноста не се мери само со почитување на законските одредби, таа се мери со ставот дека во секое возило, на секоја крстосница и пешачки премин, стојат човечки животи со свои семејства, планови и иднина. Со оваа кампања потсетуваме дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска – само така може да изградиме култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот“, велат од РСБСП.
Иттаму додаваат дека зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата и предупредуваат дека главните опасности за возачите се лизгави коловози поради снег, мраз или „голомразица“, појава која често е невидлива и особено опасна, намалена видливост поради густа магла, врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења и намалена концентрација и замор на возачите.
„Затоа, РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот да ги следат препораките кои спасуваат животи односно да ги следат информациите за временските услови на патиштата, да го прилагодат возењето според условите на патот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, да носат зимска опрема во возилото и да ја користат соодветно, да направат зимска проверка на возилото, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање на возилото и да избегнуваат нагло намалување или зголемување на брзината на возилото“, велат од РСБСП.

Министерството за внатешни работи (МВР) пак денеска соопшти дека согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата.
„Согласно одребите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата како зимска опрема за моторни возила кои не надминуваат 3.500 килограми се: зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри, пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала“, соопштија од МВР.
За моторни возила кои надминуваат 3.500 килограми потребни се, зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри, пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум четири милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
„Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата. во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци“, информираа од МВР.






