„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот, проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка.
При донесувањето на одлуката, претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
Претходно, од Собранието информираа дека предлогот од претседателката, ковертиран е пристигнат до нивната пријавницата, но ќе биде отворен утре наутро, кога почнува работното време во архивата. Односно, тогаш ќе започне собранискиот дел од процедурата за избор на гувернер на Народната банка.
Седумгодишниот мандатот на досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежовска, завршува денеска, на 21 мај.
Професорот на Економскиот факултет при УКИМ, Трајко Славески е актуелен претседател на Советот на Град Скопје, а претходно бил и министер за финансии.