недела, 14 декември 2025

Со новата година утре Судскиот совет ќе добие и нов претседател

Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на Претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на советот без право на глас.

Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски, од битолското апелациско подрачје.

Останатите тројца членови на советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.

По предлог на Претседателот членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.

Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.

Парламентот во декември изгласа негативен извештај за работата на Судскиот совет, што отвори го отвори прашањето за разрешување на членовите на советот кои се избрани од Собранието.

Претседателот на СобраниетоАфрим Гаши на предновогодишен брифинг со новинарите рече дека „не се исклучува можноста да почне постапка за разрешување на пет члена на Судскиот совет избрани во Собранието“, но истакна дека ќе се консултираат со Уставниот суд за тоа.

„Негативниот извештај за работата на Судскиот совет значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, на ист начин ќе бидат разрешени и така ќе оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата, на дневен ред ќе биде штом има услови за тоа прашање“, рече Гаши.

Премиерот ХристијанМицкоски во новогодишното интервју за МИА вели дека овој состав на Судскиот совет можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните. Нагласува дека кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија и тежина, бидејќи, како што посочи, „ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо“.

Тој ова го одговори на прашањето за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, за новиот закон за Судскиот совет, но и најавената смена на петмината негови членови кои се избираат преку Собранието.

Во декември минатата година, Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка поради како што посочи „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“. Судскиот совет тогаш остана да функционира без претседател. Подоцна, Обвинителството и полицијата влегоа во советот да проверат евентуално сторено кривично дело со мандатот на Дамева, како и во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во предметот „Таргет-Тврдина“.

Премиерот Христијан Мицкоски уште на почетокот од мандатот започна со реализирање на тоа што го најавуваше во предизборната кампања – распуштање на Судскиот совет. Во летото минатата година повика на разговори и предлог решенија за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, отворено кажувајќи дека нешто мора да се менува бидејќи довербата на граѓаните во судството е два проценти.

На ваквите најави, од Судскиот совет во мај преку соопштение порачаа дека судската власт е самостојна и независна и дека секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото.

Откако не пристигна ниту еден предлог, премиерот Мицкоски во август заедно со министерот за правда, Игор Филков, оствари средба со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева по која Владата остана на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.

Најавите на новата влада за „распуштање“ на Судскиот и Обвинителскиот совет, Европската Комисија во Извештајот за 2024 година ги оцени со сериозна загриженост, бидејќи би ја поткопале независноста на судството. Оттаму прпеорачаа зајакнување на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и нејзината севкупна функционалност во согласност со препораките на Оценската мисија.

Министерот за правда Игор Филков на последната петта тркалезна маса за консултации со стручната јавност за измените на Законот за Судски совет, порача дека согласно Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, земјава до јуни 2025 година треба да има нов закон за Судски совет.

Судскиот совет, според проценките, има спроведено повеќе од две третини од 17-те препораки од Оценската мисија кои беа упатени на негова адреса, а за кои не беа потребни законски измени. Во мај беше изменет Правилникот за рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, со што почна да се бодува дополнителна работа, менторство и делегирање. Согласно препораките од Оценската мисија, одлуките на Судскиот совет задолжително ќе се образложуваат, а ќе има рокови за сите фази на постапката. Во јуни Судскиот совет усвои нова комуникациска стратегија, согласно препораките на Оценската мисија на ЕУ, а судиите избираа и двајца нови членови на Советот.

Утре, на 510. седница покрај изборот на претседател, се и разгледување и одлучување по приговор од судија, како и други прашања од делокругот на Судскиот совет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ