понеделник, 21 април 2025

Случајот со старателството на четиригодишното дете и таткото осуден насилник стигна до Собрание

Судскиот совет да провери како нивна колешка која ја назначија за претседателка на Апелацискиот суд во Битола, успеа да ја добие таа престижна фотелја? Која беше цената и колку тони тежат солзите на една мајка и на едно четиригодишно дете со пресудата која не е донесена врз основа на факти и аргументи, побара пратеничката Иванка Василевска од собраниската говорница во врска со случајот во кој Апелацискиот суд Битола ја потврди пресудата на Основниот суд Охрид и старателството му го додели на таткото, моќник од Охрид осуден за семејно насилство и лажно пријавување на мајката на заедничкото дете. Од адвокатските тимови на мајката обвинуваат дека мајката на четиригодишното дете секој ден e под закани и дека случајот е полн со низа сомнителни искази и апсурдни образложенија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во свооето обраќање пред Собранието на седницата посветена на петте интерпелации за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието одржана на 11 март, пратеничката Иванка Василевска побара од Судскиот совет да провери како судијката Жаклина Доведен била избрана за претседателка на Апелацискиот суд Битола.

Ќе им дадам една задача на Судскиот совет да проверат како нивната колешка која ја назначија за претседателка на Апелациониот суд во Битола, госпоѓата Жаклина Доведен успеа да ја добие таа престижна фотелја? Која беше цената и колку тони тежат солзите на една мајка и на едно четиригодишно дете со пресудата за која Доведен рекла дека морала да ја донесе? Каде е правдата и правото, за една мајка и едно дете кога имаме претседателки на Апелација во Битола коишто мораат да донесат една таква неправична пресуда. Пресуда која не е врз факти и аргументи, туку е донесена од политички интереси, потреба од функции и секако претпоставувана материјална корист. Има моќници во нашата држава кои немаат проблем да платат колку што ќе се побара“, рече пратеничката Василевска од собраниската говорница.

Апелацискиот суд се побива самиот себе си

Од адвокатските тимови што ја застапуваат мајката на четиригодишното дете, велат дека Апелацискиот суд во Битола се побива самиот себе си затоа што првиот пат пресудата на Основниот суд Охрид ја врати на повторно судење, за вториот пат истата пресуда да ја потврди, со што детето му е доделено на таткото на чување, кој патем е осуден за семејно насилство и за лажно пријавување на мајката на зедничкото дете.

Апелацискиот суд Битола не зел предвид ниту еден од предложените докази на мајката и донел пресуда со која малолетното дете се доделува на чување, воспитување и делумно издржување кај таткото, сѐ додека постојат услови за тоа. Воедно на мајката ѝ се определува да плаќа месечна издршка за детето, како и да плати трошоци на судската постапка. Исто така судот постапувал без да се води од определената надлежност на Центарот за социјални работи Скопје, која надлежност ја определило Министерството за социјална политика, демографија и млади. Апелацискиот суд Битола не ги прифатил ниту доказите дека таткото е прекршочно осуден за лажно пријавување ниту пак доказот дека психосоцијалниот третман определен како мерка за превенција од семејно насилство за таткото завршил неуспешно“, велат од одбраната на мајката.

За адвокатите на мајката пресудата на Апелацискиот суд Битола е противправна и не е заснована на докази. Како што твдат, пресудата има најмалку два клучни проблеми.

Првиот се однесува на тоа дека одлуката на судот е донесена врз основа на Центарот за социјална работа Охрид кој бил ненадлежен како и тоа дека во неговото постапување има недостаток на интердисциплинарна работа.

Апелацискиот суд Битола донел пресуда врз основа на мислење од Центарот за социјална работа (ЦСР) Охрид, кој според Министерството за социјална политика, демографија и млади немал надлежност за овој случај. Инспекцискиот надзор утврди дека стручниот тим на ЦСР Охрид не спровел детална анализа ниту ја вклучил мајката во процесот. Не биле почитувани законските одредби за тимска и стручна работа, предвидени со Законот за семејство затоа што во изготвувањето на извештајот не бил присутен психолог кој бил на породилно отсуство, а социјалниот работник не дал мислење кому треба да му се додели детето што како извештај никако не може да претставува доказ на суд“, велат од одбраната на мајката на четиригодишното дете.

Во образложението на Апелацискиот суд Битола се наведува дека судот иако ги ценел сите жалбени наводи на мајката на детето истите не ги прифатил од неколку причини.

Неосновано во жалбите се укажува дека првостепениот суд не извршил грижлива оценка на сите предложени докази заради што била донесена и погрешна одлука од причини што во обжалената пресуда врз основа на сите изведени докази првостепениот суд анализирајќи ги истите дал причини на кои докази им поклонил верба, зошто истите ги прифатил, а за оние кои не ги прифатил исто така дал свој коментар во одлуката. Неосновано во жалбите се укажува дека првостепениот суд не ги расправил спорните прашања на кои укажал второстепениот суд во својата одлука од 21 мај 2024 година. Напротив, во текот на постапката првостепениот суд постапил по укажувањата и истиот го прифатил како доказ извештајот на ЈУМ Завод за социјални дејности Скопје од 21 септември 2023 година, побарал од ЦСР Охрид да ги цени забелешките од овој извештај во поглед на претходно доставениот наод и мислење на ЦСР Охрид за доделување на малолетното дете на странките, односно дека наодот на педагогот не содржи мислење за доверување на детето и недостасува вклученост на социјален работник со соодветен наод и мислење. Од страна на ЦСР Охрид било постапено по писмените укажувања на првостепениот суд, при што е доставен нов извештајод 5 август 2024 година. Во извештајот на стручниот тим јасно е наведено дека после поднесувањето на предлогот за доверување на детето на 15 јуни 2023 година е реализирана соработка со ЈУМ ЦСР Скопје заради размена на информации за мајката и детето, актуелните партнерски односи и можности за промена на истите, реализирани се средби со тужителот во ЦСР Охрид, спроведен е надзор на стручната работа и консултации со стручниот тим заради доставување нов извештај на тимот до Основниот суд Охрид“, се наведува во дел од пресудата на Апелацискиот суд Битола.

Битолскиот суд уште констатирал дека неосновано во жалбите се истакнува дека во списите на предметот во врска со даденото ново мислење на ЦСР Охрид во 2024 година немало докази дека се отстраниле неправилностите во постапувањето и дека не била спроведена интердисциплинарна работа од страна на ЦСР Охрид и во таа смисла не бил остварен контакт со мајката.

Напротив, во мислењето од ЈУМ ЦСР Охрид е наведено дека после доставеното различно мислење од ЈУМ ЦСР Скопје неколку пати биле разменети мислења во однос на регулирањето на односите на детето со таткото, за кои видно од предметот сѐ уште постоела тенденција за ограничување на контактите по барање на мајката, покрај даденото мислење дека не постојат индикатори во емоционалната состојба и однесување на детето кои укажуваат на потребата од такво ограничување. Во актуелниот период според документацијата од предметот средбите на детето со таткото се реализирале според решение донесено од ЈУМ ЦСР Скопје. Исто така во извештајот на стручниот тим на ЦСР Охрид истакнато е дека во меѓусебна соработка помеѓу двата центри за социјална работа се констатира, според последните информации, намалена соработка од страна на мајката, насоченост кон ограничување на контактите на таткото со детето манифестирана преку одбивање контакти со стручни лица, недоаѓање на средби, одбивање соработка со таткото и постапување спротивно на интересите на детето со изразена потреба за ограничување на средбите што не било соодветно за односите татко-дете“, пишува во пресудата на Апелацискиот суд Битола.

Адвокатите на мајката велат дека непосредно пред затворањето на главната расправа во Основниот суд Охрид, извршиле увид во сите списи на предметот и притоа никаде не констатирале ниту нашле каков било допис помеѓу ЦСР Скопје и Охрид кој се однсува на давање мислење за координирање на двата центри за да дадат единствено мислење.

Такво нешто нема, па зачудува од каде судијката Доведен го најде и кога е ставен тој допис, ако таков допис има, кога претходно иако адвокатите целосно и опсежно го прегледаа предметот таков допис не најдоа“, велат адвокатите.

Тие уште забележуваат дека по покренатото барање во Министерството за судир на надлежности од страна на адвокатите на мајката кој центар е надлежен за одлучување, министерот донел решение со кое го прогласил скопскиот ЦСР за стварно надлежен да постапува по овој предмет.

Но, и покрај тоа в.д директорот на ЦСР Охрид писмено и првично пред судењето го известил охридскиот суд дека тој не е надлежен да даде мислење иако судијата инсистира од нив да добие мислење. За неколку часа в.д директорот доставува нов допис со кој го толкува решението на министерот и се самопроглсува за надлежен за да два часа потоа, истиот ден поднесе итен поднесок со кој дефинитивно дава и свое мислење. Зачудува што на затворањето на главанта расправа без претходно решение за изведување на доказ за сослушување на претставник на ЦСР Охрид се појавува в.д. диртекторот и на никој не му беше јасно по кој основ се појавува зошто во таа фаза на постапката тоа не е дозволено. Притоа, судијата без трунка совест се однесува грубо кон адвокатите на мајката и директно го праша директорот кому треба да биде доделено детето. Ова е крајно незаконски и второстепниот суд требал да биде свесен за тешка повреда на постапката од апсолутен карактер“, категорични се адвокатите на мајката.

Вештото лице не било нестручно за вештачење на случајот

Според адвокатите, друг клучен проблем во пресудата на Апелацискиот суд Битола е што при одлучувањето не биле прифатени ниту вештачењата на детскиот психолог, ниту на детскиот психијатар кои се единствено надлежни и со лиценца за вакви случаи, а било прифатено вештачењето по барање на таткото изготвено од докторка без лиценца за соодветната постапка.

Докторката што го изготвила вештачењето се впуштила во психолошко толкување, нешто за кое не е стручна и надлежна. Сомнителен е и фактот што таа еднаш ја видела мајката на детото и тоа многу кратко и иако не била дежурна кога детето било носено на лекар, таа секогаш била присутна на прегледите иако рекла дека не се познава со таткото на детото. Оттука е нејасно дали докторката во овој случај е вештак или сведок.. Поради ова поднесовме кривична пријава до Обвинителството во Охрид, пријава која беше отфрлена. По жалбата, Вишото обвинителство Битола го врати предметот на повторна работа со забелешки да се испраша докторката и кои други мерки треба да бидат преземени. Испративме допис и до Лекарската комора и до Здружението на лекари кои не нѐ удостоија ниту со одговор“, велат адвокатите.

Адвокатите се сомневаат во праведноста на пресудата затоа што, како што велат, при второто одлучување, судијката Доведен ја изземала една од судијките од судечкиот совет откако во медиумите беше објавена информација дека член на семејството на мајката на четиригодишното дете се сретнал со сопругот на изземената судијка, а на нејзино место бил делегиран судија кој цел живот работи на кривични, а не на граѓански предмети.

Средбата била случајна, а снимката покажува дека членот на семејството бил следен. Таквата снимка во ниту еден случај не може да биде судски доказ, туку може да служи само за потребите на оној кој ги најмил оние што следеле. Дополнително, мајката на детето била демнета од страна на оние што го следеле и нејзиниот роднина“, тврдат адвокатите.

Пресудата е веќе правосилна и се чека да помине постапката за извршување на истата по што четиригодишното дете треба да му биде предадено на таткото. Адвокатите велат дека нема да застанат тука и дека ќе продолжат да ја бараат правдата со сите легални средства што им стојат на располагање.

МКД.мк го отвори овој случај во март 2024 година, а подоцна го отвори и прашањето дали случајот со доделеното дете на осуден сторител на семејно насилство е тест за интегритетот на судскиот систем.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ