среда, 17 декември 2025

Во еврозоната се очекува рекордна инфлација

Објавено на

часот

Сподели

Европската комисија ја намали прогнозата за раст на 19 земји од еврозоната на 2,7 отсто оваа година од 4 отсто во февруари, непосредно пред почетокот на војната во Украина. Економскиот раст ќе забави дополнително до 2,3 проценти следната година, исто така под 2,7 проценти како што беше претходно прогнозирано.

Оваа прогноза е првата сеопфатна проценка на економската цена на конфликтот во Украина за еврозоната и 27-члениот европски блок.

„Пред да избие војната, се чинеше дека економијата на ЕУ се соочува со продолжена и силна експанзија. Но руската инвазија на Украина постави нови предизвици, токму кога Унијата заздравуваше од економското влијание на пандемијата“, се вели во соопштението на ЕК.

„Зголемувајќи го притисокот за зголемување на цените на суровините, предизвикувајќи обновени прекини во снабдувањето и зголемување на несигурноста, војната ги влошува веќе постоечките бариери за растот, кои претходно се очекуваше да стивнат.“

Комисијата рече дека европската економија ќе биде уште посилно погодена ако Русија го прекине снабдувањето на ЕУ со гас, проценувајќи дека драматичниот развој ќе го намали проектираниот раст на 2,5 проценти во 2022 година и еден процент во 2023 година. Ова ќе доведе до рецесија, се наведува во соопштението.

Инфлацијата, која Европската централна банка сака да ја задржи на 2 отсто годинава, ќе изнесува 6,1, прогнозира Комисијата, а следната година би требало да падне на 2,7 отсто, што сепак е над целта на ЕЦБ. Пред војната, Комисијата очекуваше раст на цените од 3,5 отсто во 2022 година и 1,7 отсто во 2023 година.

Во случај на ненадеен прекин на снабдувањето со гас од Русија, инфлацијата би се зголемила за дополнителни 3 отсто во 2022 година и за уште еден процент во 2023 година, соопшти Комисијата.

„Неизвесноста очигледно е зголемена, ризиците се зголемени и најмногу се поврзани со времетраењето на војната“, рече на прес-конференција еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.

И покрај владините трошоци за ублажување на зголемените цени на енергијата и поддршка на милионите бегалци од Украина, вкупниот државен дефицит на ЕУ треба да падне на 3,6% од БДП во 2022 година од 4,7% во 2021 година како резултат на укинувањето на привремените мерки за помош воведени поради ковид-19.

Исто така, и покрај забавениот раст, се очекува новиот пад на невработеноста во еврозоната да достигне 7,3 отсто оваа година и 7 отсто во 2023 година, наспроти 7,7 отсто во 2021 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ