понеделник, 8 декември 2025

Синдикатот на новинарите бара зголемување на минималната плата

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара зголемување на минималната плата како начин за зачувување на слободата на медиумите и дигнитетот на новинарите.

Објавено на

часот

Сподели

ССНМ е недвосмилено за зголемување на минималната плата, корекцијата е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници.
„Владата и синдикатите преговараат за финансиската иднина на работниците, иднина во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати. Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години, може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се зголемува и бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување.
Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што истакнавме, под секое ниво за достоинствен живот.
Пристојни плати на новинарите и медиумските работници значат и професионално новинарство, независно од центрите на моќ, и чувар на јавниот интерес и слободата на медиумите и изразувањето“, соопшти ССНМ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ